Настани

18 мај, 2017

„Грин бич фестивал“ ја комплетира програмата за најмоќното издание досега!

ГРИН БИЧ ФЕСТИВАЛ, најголемиот фестивал на електронската музика кај нас, ја комплетира и целосната програма за своето годинашно, осмо по ред издание кое ќе се одржи на 28 и 29 јули. Покрај најдобрата поунда на светски етаблирани изведувачи, фестивалот и годинава има подеднакво атрактивна листа со дел од најистакнатите домашни артисти, со кои на препознатливиот грандиозен подиум на плажата „Парк“ во Охрид, ветува врвно доживување и уште едно моќно издание на омилениот летен настан за љубителите на квалитетната електронска музика.

Со двете икони на светската електронска сцена кои годинава ги предводат фестивалските ноќи на ГРИН БИЧ ФЕСТИВАЛ, еден од најреволуционерните електронски уметници на сите времиња РИЧИ ХОТИН на 28 јули и ненадминливиот техно великан СВЕН ВАТ на 29 јули, повеќе од сигурно е дека ова е најмоќното издание на фестивалот досега. Покрај главните ѕвезди, веќе се потврдени и артистите кои со своите настапи ќе го надополнат највозбудливото техно доживување овој јули. На претходно најавените МАУРИЦИО ШМИЦ и ВАСО б2б ГОРАН КАН кои ќе настапат за затворањето на фестивалот на 29 јули, им се приклучува уште еден бран изведувачи сочинет од едни до најрепрезентативните артисти од домашната електронска сцена: ПЕСИНЏЕР (PASS-N-G-R), САМОИЛ РАДИНСКИ и ФЛУДЕР (FLOODER)! Надополнувајќи ја веќе импозантната листа на изведувачи на ГРИН БИЧ ФЕСТИВАЛ, овие артисти со своите докажани сетови ќе настапат на 28 јули, како поддршка на легендарниот Ричи Хотин.

ПЕСИНЏЕР е уметничкото име на Жани Митревски од Скопје, еден од пионерите на македонската техно сцена чија активна работа на сцената датира уште од 1992 година, кога тој е одговорен за првите техно журки и радио шоуа во Македонија. Тој е воедно основач и сопственик на музичката продавница Massiva која во Скопје ја отвори во 1995 година. Неговиот техно звук тој го презентира во различни форми и стилови, а тоа резултира и со неговото огромно искуство со различни продуценти, етикети, диџеи. Својата музика тој ја нарекува „драјвинг техно“ (driving techno)! Секогаш обидувајќи се да го одржи ритамот во пораст, тој сака длабоки бас линии кои ја „возат“ атмосферата, а понекогаш влегуваат и во поцврст и дарк техно звук. Листата на дестинации на кои настапувал е огромна и се протега низ целиот регион и Европа, а артистите со кои настапувал се значајни имиња како Џон Аквавива (John Acquaviva), Оливер Хо (Oliver Ho), Гаетано Паризио (Gaetano Parisio), Умек (Umek), Валентино Канзијани (Valentino Kanzyani), Робер де ла Готје (Robert De La Gauthier), „Аксес 58“ (Access 58), диџеј Мисја (DJ Misjah), Марко Настиќ, Ерик Фишер (Eric Fisher), „Ивл Еди Ричардс“ (Evil Eddie Richards), Ејд Фентон (Ade Fenton), Си-Џеј Боланд (CJ Bolland), Дејв Кларк (Dave Clarke), Марк Брум (Mark Broom), Тери Мичел (Terry Mitchell), Марк Вилијамс (Mark Williams), Стафан Ерлин (Staffan Ehrlin), Елтон Ди (Elton D), Пол Мек (Paul Mac) и многу други, меѓу кои и Свен Ват – хедлајнерот на втората вечер на овогодишниот „Грин бич фестивал“.

САМОИЛ РАДИНСКИ е диџеј и продуцент кој активно ја промовира електронската музика уште од самите почетоци на ова движење во Македонија и е добро познат по својот префинет вкус. Настапува како диџеј низ целата земја и во странство на најпрестижните фестивали како Кримфилдс, Егзит, Фонетика и т.н. Основач е на промотерската организација Баланс преку која ги промовира  и настапува  со врвните светски имиња: Дерик Меј (Derrick May), Кевин Сондерсон (Kevin Saunderson), Карл Крег (Carl Craig), Кени Ларкин (Kenny Larkin), Џин Фарис (Gene Farris), Фабрис Лиг (Fabrice Lig), „Фанк ди војд“ (Funk D’ Void), Мистер Си (Mr C), „Октав уан“ (Octave One), Кристијан Смит (Christian Smith), Винс Вотсон (Vince Watson), диџеј Боун (Dj Bone) и многу други. Радински воедно ја отвора и дискографската куќа „Логос рекордингс“, која во своето работење од 9 години успеа да достигне врвни резултати во светски рамки. Тој создава и своја продукција, а неговата музика е вртена од врвни диџеи како:  Лорон Гарние (Laurent Garnier),  Винс Вотсон (Vince Watson), Фабрис Лиг (Fabrice Lig), Пол Мек (Paul Mac), Клод Јанг (Claude Young), „Андерграунд резистанс“ (Underground Resistance) и други.

Името на ФЛУДЕР е доволно присутно на локалната сцена за да ве асоцира на неговиот посебен стил на презентирање на музика. Ни неговиот стил ниту пак неговата музика имаат тендеција да се повторуваат, следствено на ова Флудер секогаш е во потрага по нешто ново и возбудливо кое е наменето за доброто расположение на публиката.

ПОБРЗАЈТЕ ЗА ВЛЕЗНИЦИТЕ СО СУПЕРПРОМОТИВНА ЦЕНА!
Во тек е продажната акција на билетите со СУПЕРПРОМОТИВНАТА цена од 650 денари за еднодневните и 1.200 денари за дводневните (фестивалски) влезници. Станува збор за најповолната понуда на билетите со 40% попуст во однос на нивната финална цена, кои ќе се продаваат само уште во во ограничен број преку продажната мрежа на МКтикетс.



Врати се горе ↑