Аудио 05668164787849511857

22 јануари, 2016

Греми ретроспектива: Песна на годината

Во пресрет на годинешното, 58. по ред доделување на најпрестижните музички награди „Греми“, се потсетуваме на темите кои низ годините биле прогласувани за „Песна на годината“. Како што е познато, овие награди ги доделува Националната академија за запис на звукот и уметностите на САД, со цел да се признаат изворедните достигнувања во музичката индустрија. За една од најважните категории се смета токму „Песна на годината“, која често ја добиваат песни наградени и во категоријата „Снимка на годината“. Разликата меѓу овие две категории е тоа што наградата за „Песна на годината“ се доделува на самиот автор или авторски тим и се однесува на музиката и текстот, а „Снимка на годината“ се доделува на изведувачот и продуцентскиот тим и се однесува на целокупниот производ (продукција, микс, мастеринг и сл.).

Позначајни достигнувања

Досега, 28 од победничките песни ја добиле и наградата „Снимка на годината“, а во 19 случаи авторите биле и изведувачи на песната. Кристофер Крос е првиот уметник што во рамките на една церемонија бил награден во категориите Песна на годината, Снимка на годината, Албум на годината и Најдобар нов уметник. Адел, пак, е првата уметница наградена во категориите Песна на годината, Снимка на годината, Албум на годината и Најдобар нов уметник, но не во истата година. Само петмина ги добиле наградите Песна на годината и Најдобар нов уметник во истата година: Кристофер Крос (1981), Алиша Киз (2002), Ејми Вајнхаус (2008), „Фан“ (2013) и Сем Смит (2015). Кристофер Крос и Адел се единствените добитници на четири награди во категориите Албум на годината, Песна на годината, Снимка на годината и Најдобар нов уметник. 

Единствените повеќекратни добитници во оваа категорија се Хенри Менсини (1962 и 1964), Џони Мерсер (1962 и 1964), Џејмс Хорнер (1988 и 1999), Вил Џенингс (1993 и 1999) и „Ју ту“ (2001 и 2006), секој од нив победувајќи по два пати. Од друга страна, песни напишани за Енди Вилијамс, Барбра Страјсенд, Бет Мидлер и Роберта Флек биле наградувани два пати.

Единствениот случај на двојна победа во оваа категорија е оној од 1978 година, кога титулата „Песна на годината“ ја поделиле темите „Evergreen“ од Барбра Страјсенд и „You Light Up My Life“ од Деби Бун.

Песната „Volare“ од Доменико Модуњо, која воедно е и прва победничка тема во 1959 година, е единствената наградена песна отпеана на странски јазик.

 

Во овој прв дел од Греми ретроспективата ќе ги сместиме наградените песни од самиот почеток во 1959 до 1970 година, а останатите делови ќе следат во текот на наредните денови. Песните се претставени по година, наслов, автор/и и изведувач/и, а како звучеле најдобрите песни во шеесеттите години, слушнете во продолжение. Уживајте!

1959 – Volare / автори: Доменико Модуњо и Франко Маљачи / изведувач: Доменико Модуњо

 

1960 – The Battle Of New Orleans / автор: Џими Дрифтвуд / изведувач: Џони Хортон

 

1961 – Theme of Exodus / автор: Ернест Голд / инструментал со повеќе изведувачи

 

1962 – Moon River / автори: Хенри Менсини и Џон Мерсер / изведувач: Хенри Менсини

 

1963 – What Kind of Fool Am I? / автори: Лесли Брикус и Ентони Њули / изведувач: Семи Дејвис Јуниор

 

1964 – Days of Wine and Roses / автори: Хенри Менсини и Џон Мерсер / изведувач: Хенри Менсини

 

1965 – Hello, Dolly! / автор: Џери Херман / изведувач: Луис Армстронг

 

1966 – The Shadow of Your Smile / автори: Пол Френсис Вебстер и Џони Мандел / изведувач: Тони Бенет

 

1967 – Michele / автори: Џон Ленон и Пол Макартни / изведувач: „Битлси“

 

1968 – Up, Up and Away / автор: Џими Веб / изведувач: „Фифт дајменшн“

 

1969 – Little Green Apples / автор: Боби Расел / изведувач: Оу-Си Смит 

 

1970 – Games People Play / автор и изведувач: Џо Саут

Продолжи на втор дел…

Подготви: Ивона Јанкова / извор: Википедија



Врати се горе ↑