Свет la-et-gramylist

9 февруари, 2013

Греми награда и за професор по музичко

Од следната година, за престижната Греми награда ќе можат да се натпреваруваат и професорите по музичко образование. Имено, претседателот на американската Академија за дискографска уметност и наука, Нил Портнау изјавил дека е востановена награда за музички едукатор на годината која ќе почне да се доделува од 2014 година.

„Музичкото образование е можеби највиталниот дел од мисијата на фондацијата Греми“ – истакнал тој деновиве на состанокот на оваа добротворна организација која се бави со зачувувањето на музиката, пренесува АП. За новата награда можат да се кандидираат сите професори и наставници по музичко образование, од градинка, преку основни училишта до колеџи, а на лауреатот признанието ќе му биде врачено на ден пред свеченото доделување на Греми наградите. Кандидатите можат по пат на интернет да предложуваат ученици, студенти и колеги.

Овогодишното 55-то доделување на Греми наградите ќе се одржи во недела, 10-ти февруари во Стејплс центарот во Лос Анџелес, а интересно е тоа што американската ТВ мрежа CBS побарала од ѕвездите да не покажуваат „премногу гола кожа“, односно „задниците и градите на жените да бидат адекватно покриени“ во текот на врачувањето на наградите кои ќе бидат пренесувани на оваа телевизија. Претставници од CBS и Академијата одбиле да дадат изјави за новите правила.

 



Врати се горе ↑