Настани DNov300x600

29 јуни, 2015

Граѓанска акција на „Д фестивал“

Со задоволство ви ја најавуваме потпрограмата на 5. „Д фестивал“ во Дојран, во која се вклучени повеќе граѓански организации од цела Македонија. Дел од оваа програма ќе бидат повеќе активности на организации кои делуваат на различни полиња што го засегаат целото општество. Во посебен дел од фестивалскиот камп ќе се случат изложби, поетски читања, перформанси, проекции на кратки филмови, дискусии, презентации, инфо сесии, дебати и неколку различни работилници.

Македонска Платформа Против Сиромаштија, Радио МОФ, МЦМС, Зелената арка, Борка, ХОПС, фестивалите Бош од Гевгелија, АКТО од Битола, Дрим Он од Струга, Струмица Опен Фестивал, Контракадар, Слем Поезија и Центарот за Современи Уметности се само некои од организациите коишто ќе бидат дел од „Д фестивал“.

Нашиот работен наслов за овој дел од „Д фестивал“ е „Зона за граѓанска акција“, а се однесува на простор во кој ќе се претстават повеќе формални и неформални групи што работат во различни домени на граѓанскиот активизам.

Културно уметнички работници и работнички, организации од полето на пермакултурата, промотери за подигање на здравствена свест и разни активисти од граѓанскиот сектор кои ни се придружуваат во збогатување на понудата на 5. „Д фестивал“. Деталниот распоред на активностите во граѓанскиот дел во кампот на „Д фестивал“ ќе бидат наскоро објавени на сајтот на „Д фестивал“, а за почеток, го објавуваме повикот за учество во работилницата за млади новинари.

Во соработка со Радио МОФ, организираме „Радио МОФ медиа деск“, т.е.новинарската редакција на „Д фестивал“. Сите млади со новинарски афинитети, кои што се заинтересирани да учествуваат во теренско следење на фестивалските денови, сакаат да стекнат искуство и знаење преку реална новинарска работа, можат да се пријават на следниов линк. Одбраните фестивалски новинари ќе бидат уредно акредитирани и ќе учествуваат во подготовка на фестивалски весник, кој покрај онлајн изданието, ќе биде печатен во форма на дневен фестивалски билтен. За повеќе инфо, тука.

Уредувањето на фестивалскиот дневник е само една од активностите во граѓанскиот сектор на „Д фестивалот“. Сите горенаведени учесници ќе дејствуваат независно во кампот, каде што ќе се игра, вежба, рецитира, слика, глуми, дискутира, дебатира… Повелете на единствената фестивалска понуда годинава, каде што покрај густата листа на изведувачи ќе можете да ја видите работата на најактивните граѓански организации.

Годинашниот „Д фестивал“ за прв пат има три-дневна програма со 3 сцени и камп. Фестивалот ќе се одржи од 17 до 19 јули, а кампот ќе се отвори на 16 јули. На главната сцена ќе настапат Ману Чао Ла Вентура, Вилкинсон, Кирил Џајковски и Ти-Кеј Вондер, „Фолтин“, „Бед копи“ (Србија), „Љубојна брас фантази“, „Заа“ (Србија), „Електрични оргазам“ (Србија), „Пи-ем-џи колектив“, „Бла бла бла…“, „Фулиш грин“, „Новиот почеток“, „Баилдса“ (Грција), „Поинт бленк“, „Фјурион“, „Драм енд брас трио“…. 

На втората сцена пак, ќе ги видиме „Џун“, „Оратница“ (Бугарија,) „Брука бенд“, „ТВ рејџ“, Сватовски, „Проџект 2501“, „Смоук шејкерс“, „Ретро кабаре“ и Александар Пешевски.

Фестивалскиот билет, со којшто ви следува 3-дневен музички маратон и камп место во прекрасниот парк на влезот во Стар Дојран, чини 600 денари. Понудата трае уште 3 дена, кога завршува продажбата и на специјалниот студентскиот пакет влезници, 4+1 гратис. Промотивната цена на еднодневните влезници е 250 денари за петок (17 јули) и сабота (18 јули), а 350 денари за недела (19 јули). Овие влезници од 1 јули ќе чинат 350 денари, односно 450 денари.

Детали за влезниците на МкТикетс



Врати се горе ↑