Свет

24 јануари, 2019

„Град на шатори“ за евровизиските посетители во Тел Авив

Тел Авив веќе се подготвува за претстојното, 64. по ред издание на „Евровизија“, чие мото годинава гласи „Осмели се да сонуваш“, а најверните евровизиски обожаватели кои секоја година патуваат на местото на настанот, ќе имаат и малку поефтина можност за сместување во камп. Имено, градските власти објавија дека освен полуксузната варијанта (хотели, хостели и сл.), во паркот Јаркон во близина на салата каде што ќе се одржува фестивалот, ќе биде подигнат и таканаречениот „Град на шатори“, кој ќе ги има сите потребни објекти што обично го следат кампувањето, a ќе има капацитет да смести до 2.000 гости.

Популарниот телевизиски натпревар во пеење се очекува да привлече најмалку 10.000 странски туристи во Тел Авив, град со повеќе од 400.000 жители. Градоначалникот Рон Хулдаи (74) рече дека цените за кампување ќе бидат прифатливи, но не спомна конкретни бројки.

Освен подготовките за трите фестивалски вечери, кои ќе се одржат на 14, 16 и 18 мај, периодов веќе започнаа да се објавуваат и песните, но и да се закажуваат националните избори за претстојниот фестивал, како што се „Беовизија“ и „Монтевизија“ во Србија и во Црна Гора, кои нè очекуваат во февруари и во март. Традиционално, прва беше објавена песната на Албанија, чиј претставник се избира на популарниот „Festivali i Këngës“, а деновиве ја добивме и шпанската песна „Lа Venda“ во изведба на шармантниот Мики.

За неколку дена, поточно на 28 јануари, ќе се влече жрепка за поделба на 42-те земји во две полуфинални вечери, па ќе дознаеме и во која вечер ќе настапува нашиот претставник или претставничка. Од МРТ сè уште не се огласиле околу деталите за начинот на избор, па повеќе информации очекуваме наскоро.



Врати се горе ↑