Свет

23 февруари, 2019

Готово е за Ар Кели? Музичарот се соочува со 30-70 години затвор

И официјално е поднесено обвинение против ар-ен-би музичарот Ар Кели, кој доколку се докаже дека е виновен, може да се соочи со затворска казна од 30 до 70 години. Имено, против 52-годишниот пејач се поднесени 10 посебни обвиненија од четири жртви, од кои три на возраст меѓу 13 и 17 години. Според судските документи, Кели треба да се појави на суд на 8 март.

Адвокатот Мајкл Авенати, кој работи на истрагата за Кели, на Твитер напиша: „Готово е!“, додавајќи дека „после 25 години од сериска сексуална злоупотреба и напад врз малолетни девојчиња, стигна судниот ден за Ар Кели“.

 

Веста доаѓа по само еден ден откако уште две жени го обвинија Кели за сексуална злоупотреба кога имале 15, односно 16 години. Латрис Скаф (40) и Рошел Вашингтон (39) се последните во низата жени што тврдат дека биле жртви на Кели, а повеќето од нив беа дел од контроверзниот документарен филм во шест дела „Преживувајќи го Ар Кели“ во јануари годинава.

Освен сведоштвата на жените, обвинителството во Чикаго на располагање има и видео-снимка со експлицитна содржина (секс и уринирирање врз 14-годишно девојче), во која и музичарот и девојчето 10 пати ја наведуваат нејзината возраст.

Кели веќе се предаде на полицијата и беше уапсен вчера.

 

Само за потсетување, Ар Кели бил повеќепати обвинет за сексуална злоупотреба и несоодветно однесување во изминатите дваесетина години, а во 2002 му се судеше за детска порнографија, но беше ослободен од сите обвиненија. Исто така, во 1994 година тој се оженил со тогаш 15-годишната ѕвезда во подем Алија, но бракот беше поништен.

Адвокатот на Кели, Стивен Гринберг и понатаму тврди дека неговиот клиент е невин.



Врати се горе ↑