Балкан

16 мај, 2018

Гореше бината на најголемиот антиевровизиски концерт досега!

Дека „Мортал комбат“, „СМФ“ и „Болесна штенад“ се победничка антиевровизиска комбинација, стана јасно сега, кога легнаа впечатоците од 9. издание на „Антиевровизија“, чиј домаќин, групата „Мортал комбат“, на 12 мај го организираше во белградска „Барутана“.

Бината буквално гореше, а во публиката летаа што членови на бендот, што свински глави… Публиката беше во екстаза подолго од четири часа, иако во концертниот простор „немаше каде игла да падне“. Над 1.600 посетители успеаја да влезат во „Барутана“, а на повеќе од 200 обожаватели на „Мортал комбат“ овој пат им беше одземено задоволството од „Антиевровизија“, која беше распродадена повеќе од 24 часа пред својот почеток.

Но, тоа не им пречеше, а својата верност кон бендот ја покажаа на посебен начин – околу двесете од нив се распоредија по околните тревници, клупи и ѕидини на Калемегдан, сè со цел барем да го слушаат својот омилен бенд, кога веќе не стигнале навреме да си обезбедат влезници за овој годишен спектакл што „Мортал комбат“ го приредува во Белград.

„Заврши и деветтата ’Антиевровизија’. Мораме да искажеме огромна СТРАВОПОЧИТ кон сите што присуствуваа на нашиот најголем самостоен концерт досега! ’Барутана’ дефинитивно стана премала и ветуваме дека следната година ќе одржиме концерт во некој поголем и похуман простор. Се потрудивме организацијата да помине како што треба, не замерувајте ако имало некои пропусти, сè уште сме млади и неискусни, а ни интелигенцијата не ни е на некое завидно ниво. Ви благодариме на сите кои помогнавте оваа манифестација да се одржи, им благодариме на гостите и уште едно огромно благодарам ВАМ. Ве сака вашиот ’Мортал комбат’! Аплаузот е за вас“, се обрати бендот на гостите, пријателите и на публиката, која ги надмина нивните очекувања.

Веќе следната година бендот го очекува уште поголем предизвик, односно јубилејно 10. издание на „Антиевровизија“.

Бендот неодамна го претстави и видеото за темата „Ријалити“, во која ги опеа типичните гледачи што се „опседнати“ со реалните шоуа.



Врати се горе ↑