Македонија

18 април, 2019

Горан Трајкоски ќе го промовира албумот „Скомраси апсурдистански“

Македонскиот музичар Горан Трајкоски в сабота, на 20 април, со почеток од 19.00 часот во просториите на продукцијата „Пасворд“ ќе го промовира својот нов албум насловен „Скомраси апсурдистански“. На настанот по промотивна цена ќе може да се набави и цеде од албумот, на кој се најдоа 12 оригинални песни создадени за филмот „Ругање на Христос“ на Јани Бојаџи. Дел од нив посетителите ќе можат да ги слушнат во живо, а со Горан Трајковски ќе настапуваат и музичарите Петар Христов, Ана Митоска, Мите Димовски, Игор Василев, Благоја Неделковски и Сеад-Сецко Хаџиќ. Влезот е бесплатен.

„Скомраси апсурдистански“ е трет соло-проект на Трајкоски, а зад себе има и 12 изданија со други музичари и бендови.

Горан Трајкоски е македонски композитор на театарска и филмска музика, но и инструменталист, вокален интерпретатор, основач и композитор во рок-групите „Падот на Византија“ и „Анастасија“, како и соработник на неколку дискографски изданија и бројни јавни настапи во Македонија и низ Европа на повеќе групи и музичари меѓу кои: „Мизар“, Кирил Џајковски, Елена Христова, Александер Вељанов, „Даине Лакајен“ (Deine Lakaien), „Мугер Фугер“. Музички се образовал во училиштето на Пеце Атанасовски, како и преку соработка и менторство на врвните народни уметници на полето на македонскиот фолклорен звук: Вања Лазарова и Никола Цветковски. Има компонирано музика за повеќе од 100 театарски претстави и филмови во и надвор од Македонија, а во моментов работи како композитор во Македонскиот Народен Театар.



Врати се горе ↑