Македонија

6 мај, 2019

Горан Папаз ќе настапи пред папата

На покана од Католичката црква, македонскиот виртуоз на саксофон Горан Папаз ќе настапи пред папата Франциск за време на неговата прва посета во нашата земја што ќе се случи утре, на 7 мај. Познатиот музичар ќе биде гостин на црковната музичка група „Агапе“ и тие ќе се претстават со три композиции, а настанот ќе се случува во дворот од Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“, каде што папата ќе има екуменска и меѓурелигиска средба со младите.

„За настап пред папата добив покана од Католичка црква, секако дека се согласив веднаш. Ќе се свират три песни со текст во кои се слави името на Господ, јас им помагав околу аранжманот и ќе свирам соло во секоја од нив. Песните звучат како класични поп-хитови. Одлично искуство за мене, ова ми е награда за досегашниот труд и мотив за понатаму“, изјави музичарот за „Фокус“.

Папаз во моментов е актуелен со соработката со колегата Танче Гроздановски, со кого подготвува заеднички албум насловен „Елегија“, а како воведен сингл беше претставена темата „Спомени“.



Врати се горе ↑