Видео

19 април, 2019

Горан Папаз и Танче Гроздановски ја најавија заедничката „Елегија“ со „Спомени“

„Спомени“ е насловот на првата заедничка песна на македонските музички виртуози Горан Папаз и Танче Гроздановски, која неодамна беше претставена како вовед во нивниот заеднички албум „Елегија“, планиран да излезе летово.

Станува збор за емотивна инструментална композиција инспирирана од прекрасните моменти кои им се случувале во текот на животот на самите автори. Песната е отсвирена на саксофон и на гитара, а тонското снимање и продукцијата ги потпишува Танче Гроздановски – гитаристот, композитор и продуцент, за македонската публика познат и како соработник на имиња како што се Калиопи, Дарио, Владо Јаневски, Тамара Тодевска и многу други, но и како брат на пејачката Маја Гроздановска.

„За овој проект решив да работам на песни кои за мене лично имаат поголема уметничка вредност. Немав намера да го ’бркам’ тој комерцијален звук за да биде поприфатена од радио станиците. Очекувањата ми се да биде прифатена од одреден круг на луѓе, луѓе кои ги нарекувам музички сладокусци“, изјави Папаз во неодамнешно гостување во охридското „Супер радио“, а додаде и дека сите песни на албумот „Елегија“ ќе бидат во овој стил.

„На неколку песни, како гостин, на пијано ни се придружува мојот драг колега, маестро Иван Еминовиќ, кој инаку е диригент во МОБ. На една песна ќе ни гостува и актерката Марија Димитрова, ќе рецитира песна од Кочо Рацин, единствената љубовна, елегична песна на Рацин, напишана за девојка, единствената која нема родољубиви или социјални мотиви. Со тоа во овој проект ќе напраивме мал ’tribute’ на Кочо Рацин. Албумот ќе содржи вкупно 10 песни, од кои 4 авторски и 6 народни преработки“, откри тој.

Уживајте во звуците на мојот саксофон и гитарата на Танче Гроздановски. Со овој "оброк" ви препорачувам и чаша добро вино 🙂 "Спомени" е најава за новиот албум, кој ќе го носи насловот "Елегија".

Gepostet von Goran Papazz am Dienstag, 16. April 2019

 

Воведната тема „Спомени“ стигна дополнета со прекрасно видео, снимено на повеќе локации во Охрид, под режисерската палка на Ѓоко Наумовски, а главната улога ја доби охридската докторка по стоматологија и ликовна уметница Наташа Попоска Карче. Сето тоа е објавено на каналот на хрватската издавачка куќа „Менарт“, која веројатно ќе застане и зад целиот албум, а како изгледаат и звучат „Спомените“ на Папаз и Танче дознајте во продолжение. Уживајте!

Фотографии: Менарт и Горан Папаз/Фејсбук

 



Врати се горе ↑