Свет eurovision-song-contest-logo

23 септември, 2015

„Големата петка“ и земјата домаќин и во полуфиналните вечери на „Евровизија“

Минатата недела, референтната група на „Евровизија“ се собра во Берлин за да ја дискутира иднината на фестивалот, а една од одлуките донесени на овој состанок е тоа што тн. „голема петка“ (Франција, Германија, Италија, Шпанија и Велика Британија), како и земјата домаќин – Шведска, ќе настапуваат и во двете полуфинални вечери. Меѓутоа, овие настапи ќе бидат ревијални, а земјите и понатаму ќе имаат директен пласман во финале.

Претставниците на земјите од „големата петка“ и домаќинот ќе настапат во полуфиналните вечери во кои ќе гласаат, а тоа ќе биде одредено со влечењето на распоредот во јануари следната година. Засега е познато само дека Германија ќе настапи и гласа во втората полуфинална вечер.

Уште една придобивка од оваа измена е зголеменото време за проби за претставниците на овие земји. Заради гарантираниот пласман во финалето, шесте земји имале помалку време на сцена од учесниците во полуфиналните вечери: „Повеќе време за проба значи подоба изведба и подобро шоу на телевизија, бидејќи продуцентската екипа ќе има повеќе време да се запознае со сите детали од нивните настапи“, изјавил извршниот надгледувач на натпреварот, Јон Ола Санд.

Како последица од оваа промена, претставниците на „големата петка“ и земјата домаќин ќе треба да пристигнат во градот-домаќин еден или два дена порано за разлика од претходните години, со што им се зголемуваат и промотивните можности.

Инаку, Франција, Германија, Шпанија и Велика Британија автоматски се квалификуваат за финале од 2004 година, кога за првпат беше воведена полуфинална вечер, а од 2000 година имаат автоматско право на учество, без оглед на претходните резултати. Кога Италија се врати во натпреварот во 2011 година, „големата четворка“ стана „големата петка“.

Своето учество на „Евровизија 2016“ досега го потврдија 35 земји, меѓу кои Босна и Херцеговина, Турција, Украина и Бугарија кои по мало отсуство повторно ќе бидат претставени пред целиот евровизиски аудиториум. Крајниот рок за промена на одлуките (на сите земји кои сè уште не потврдиле учество) е 15 октомври, кога ќе го знаеме конечниот број на учесници на најгледаниот музички фестивал.

Македонија својот евровизиски претставник за во Стокхолм наредната година ќе го избере во јануари 2016. Очекуваме повеќе детали за начинот на избирање од Македонската радио телевизија.



Врати се горе ↑