Настани Donacija 11 Oktomvri_grafika

30 септември, 2014

Голема хуманитарна акција за Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври”

Овогодинешниот патронен празник на Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври” ќе биде навистина посебен. Во следните десет дена, сите физички и правни лица, ќе имаат можност да донираат средства за изградба на ботаничката градина во дворот на домот. Проектот, кој би требал да воведе новина за децата од Домот и нова содржина за развој на нивните способности и вештини, е долгорочен проект кој ќе биде од големо значење за децата.

„По повод патрониот празник на Домот, ни претставува задоволство што, конечно, почнуваме кампања за реализација на нашата желба, децата да добијат модерна ботаничка градина каде ќе можат да одгледуваат овошје и зеленчук кој самите ќе го посадат. Ова е убав начин да го научат целиот процес на нивно растење, а воедно и да се одговорни – да се грижат за нешто што самите го посадиле. Затоа, апелираме до сите правни и физички лица да се вклучат во кампањата, како би можеле оваа наша дамнешна желба, да ја реализираме”, изјави Ристенка Атанасовска, Директор на Домот „11 Октомври”.

Министерството за труд и социјална политика е првата државна институција која ја поддржа кампањата.

„Веруваме дека ова е одлична прилика, сите оние кои се во можност, да донираат за изградба на стаклената градина за децата од Домот „11 Октомври”. Министерството за труд и социјална политика ја поддржува оваа акција, која покрај општествено одговорниот карактер кој компаниите и физичките лица ќе можат да го демонстрираат, ќе донесе и многу насмевки од овие деца, кои се навистина бесценети”, изјави Диме Спасов, Министер за труд и социјална политика.

Целата активност ќе заврши на 10 октомври, кога на голема „grill забава” подготвена со многу љубов од децата, ќе бидат додеделни благодарници за сите учесници во истата, како на медиумите за својата подршка, така и за сите донатори. Истата ќе се одржи во дворот на Домот, токму на локацијата предвидена за изградба на градината.

Кампањата за донирање за стаклена градина во Домот „11 Октомври” е поддржанa од МПМ Македонија, како главен медиумски покровител, а реализирана од Идеа Лаб, агенција за односи со јавност и креативни решенија.



Врати се горе ↑