Македонија Dino Imeri

15 февруари, 2013

Голем успех на нашиот пијанист Дино Имери во ЛИСИНСКИ

На 5-ти февруари во Загреб, еден од најуспешните македонски пијанисти од помладата генерација, Дино Имери повторно ја воодушеви хрватската публика со својот солистички концерт во една од најпрестижните концертни сали „Ватрослав Лисински” во Загреб.
По завршувањето на редовната програма составена од дела на Ј. Брамс, Л. ван Бетовен и С. Рахмањинов, публиката дури четири пати го враќаше младиот уметник на „бис“. Имери го отвори циклусот „Пијанофортисимо” во чии рамки во наредните месеци ќе настапат светски познати пијанисти. Покажувајќи голем интерес за нашиот пијанист, Хрватското национално радио го снимаше рециталот за своите архиви и понатамошна употреба, користејќи ја можноста да направи и интервју со Имери за да може хрватската јавност подобро да го запознае пијанистот.
Дино Имери е еден од најуспешните млади пијанисти од Македонија. Дипломирал во класата на проф. Борис Романов, а во моментов е на пост-дипломски студии во класата на проф. Симон Трпчески. Досега настапувал во повеќе значајни културни центри како Италија, Австрија, Франција, Хрватска и се разбира Македонија. Добитник е на повеќе значајни награди, меѓу кои неколку први награди на Државниот натпревар по музика, втора награда на Интернационалниот натпревар „Mozartiana – M”, Третиот Европски пијано натпревар рангиран во 10 најдобри млади пијанисти, како и специјално признание од страна на Јозеф Хајдн конзерваториум за учество во Европската пијано програма и изведба на дела од Хајдн и Лист.


Врати се горе ↑