Македонија DSCN0844

26 декември, 2013

Голем успех на младите пијанисти од Македонија

На меѓународниот натпревар за пијано – четири раце кој се одржа неодамна во монденскиот град  Монте Карло, пијанистките Јована Трајчева и Инес Неделковска од класата на доц. Нина Костова освоија II награда. Првата награда воопшто не беше доделена, со што нашите млади пијанистки се здобија со највисоката награда и признание на натпреварот. Од вкупно 7 категории, тие се натпреваруваа во Супериор категоријата каде што Инес, најмладиот учесник со само 10 години, се натпреваруваше на исто ниво со останатите пијанисти, кои беа над 20 години.

На овој реномиран меѓународен натпревар учество зедоа над 100 учесници од многу земји ширум светот како Франција, Италија, Русија, Јапонија, Република Чешка, Романија итн. Интернационалното жири беше составено од 7 члена.

„Во првите 5 категории се свиреше по една зададена композиција, а само во ’Супериор’ (во која ние учестувавме) и највисоката категорија ’Мастер’ (каде што настапија професионални пијанисти) покрај зададената композиција се изведуваше програма во траење до 15, односно 20 минути. Ние ги изведовме делата од В.А.Моцарт, Г. Гершвин и  С.Прокофиев. Уживав во соработката со Инес и ме инспирираше нејзината желба за музицирање. Со оглед на нејзината возраст нејзиниот пристап и свирење беа навистина професионални“– изјавува Јована.

„Јас бев многу возбудена за овој натпревар затоа што за прв пат свирам пијано – четири раце, но и затоа што свирев со Јована која е многу поискусна пијанистка од мене, со многу успеси зад себе. Чувствував огромна одговорност заради довербата што ми беше дадена од страна на моите професори, доц. Нина Костова и проф. Романова, па затоа работев напорно и секојдневно вежбав по неколку часа. Бев најмладиот учесник во таа категорија, и бев многу среќна заради пофалбите од членовите на жирито и од публиката. Но во исто време бев потполно свесна дека после овој успех ми престои уште повеќе вежбање и поголема посветеност. Едвај чекам да ги добијам новите композиции што треба да ги свирам“ – вели 10-годишната Инес.

Јована Трајчева е студент во 3-та год. на факултетот за Музичка Уметност во Скопје и е добитник на повеќе награди на  државни  и меѓународни натпревари и има реализирано бројни  солистички концерти. Инес Неделковска е 5-то одделение во ОУ „Лазо Ангеловски“  и  ДМБУЦ  „Илија Николовски – Луј“. Оваа година  Инес два пати настапи како солист со оркестарот на Македонската Филхармонија и има освоено повеќе први награди на домашни и меѓународни натпревари. Двете млади пијанистки се во класата на  Нина Костова – Јаневска – доцент на ФМУ  Скопје, а под менторство на истакнатиот педагог проф. Људмила Романова.



Врати се горе ↑