Концерт x

2 мај, 2014

Голем концерт во Скопје на финалистите од „Х Фактор“

Бројните фанови на регионалното издание на светски популарното музичко шоу „Х Фактор“, на 7 јуни конечно ќе имаат специјално задоволство да бидат дел од големиот концерт кој ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. На овој концерт македонската публика ќе го има задоволството да биде прва која ќе ужива во настапите на 12-те финалисти од „Х Фактор Адриа“, кои токму со концертот во Скопје ја започнуваат својата голема и долгоочекувана регионална турнеја.

Регионалното издание на „Х Фактор“ се одржа со исклучителен успех и очекувано, привлекувајќи огромно внимание од страна на публиката и медиумите насекаде во регионот, а особено во Македонија со победата на македонскиот претставник во финалното натпреварување Даниел Кајмакоски. Овој концерт се надеваме ќе биде одлична можност заедно да покажеме дека успешната кариера на нашиот победник ќе започне токму од Скопје и со безрезервната поддршка од македонската публика.

А за успехот кој ѕвездите на шоуто веќе го достигнаа, доволно говори и фактот дека и по завршувањето на натпреварот, тие сè уште привлекуваат огромно внимание од медиумите и публиката, а еуфоричната популарност кај фановите секојдневно расте. Нивните одлични настапи ги направија толку популарни што тие за кратко време прераснаа во вистински идоли на публиката во целиот регион. Изведувачите кои ќе ги видиме на големиот концерт во Скопје, се токму ѕвездите кои се пласираа во 12-те финалисти на „Х Фактор Адриа“: Даниел Кајмакоски, Младен Лукиќ, Маја Новаковиќ, Александра Брковиќ, Тамара Милановиќ, Алекса Перовиќ, Харис Ќато, Лукијан Ивановиќ, дуото „H2O“ сочинето од Фифи и Маринела, како и бендовите „Доктори“ и „4U“.

Поради долгото исчекување на овој концерт и огромниот интерес од страна на публиката, ве советуваме дека треба да бидете брзи за да го обезбедите вашето присуство на големото концертно шоу кое нè очекува на 7 јуни во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

За најголемите фанови и оние кои сакаат да бидат дел од овој концерт во првите редови на публиката и најблиску до своите омилени изведувачи, во продажба ќе бидат пуштени фан-пит влезници во строго ограничен број (само 500 влезници) кои ќе чинат 700 денари. Покрај фан-пит, достапни ќе бидат и влезници за:
партер – 350 денари,
трибини – 400 денари,
ВИП влезници – 1.000 денари
.

Продажбата на влезниците ќе се спроведува преку продажната мрежа на МКтикетс.



Врати се горе ↑