Концерт bubo-karov-bend

15 април, 2013

Голем концерт на Бубо Каров и Токму Така

Минатата година го прекинаа својот долгогодишен пост и се вратија на сцената со настап на премиерното издание на „Т’к Так Фест“, новата година ја започнаа со синглот „Валкан Балкан“, гостуваа на „Златна Бубамара на популарноста“, а деновиве активно се подготвуваат за нивниот голем целовечерен концерт со кој ќе биде затворена првата вечер на второто по ред издание на „Т’к Так Фест“.

Во својата креативна скривница лоцирана во Кавадарци, Бубо Каров, Јане Хаџи – Наумовски, Јосо Андреев, Ано Јосифов и Златко Поп-Ангелов ги повторуваат рифовите на незаборавните „Култура е“, „Џентлмен“, „Госпоѓице Малена“, „Шепни ми“ „Точакот мој“… кои заедно со новиот хит „Валкан Балкан“ ќе бидат дел од репертоарот со кој легендарниот кавадаречки бенд ќе не врати во најсветлите години на македонската рокенрол сцена.

Да потсетиме, годинава „Т’к Так Фест“ кој се организира во чест на прерано починатиот рок музичар, Трајко Каров, ќе се оддржи на 7-ми и 8-ми јуни. За разлика од минатата година во која имавме чест да уживаме во настапите на Триангл, Токму Така, Трн во око, Пу, Венко Серафимовски, Зијан, Бени Нон Стоп, Морал, Александра Пилева, Младост, Игор Џамбазов, Парпл Цепелин, Тоа е тоа, Суперхикс, Игор Станоевски Трио, Шајн, Мадригали… организаторот за оваа година покрај концертот на Токму Така најавува ново дружење со легендите на македонската рок сцена, а свој дел на фестивалската сцена ќе имаат и новите бендови кои и годинава ќе се борат за три исклучително вредни награди, кои вклучуваат аудио и видео продукција на синглови на победничките три групи, како и за Гран при наградата за најдобар тапанар која и годинава изнесува 30000 денари.

Конкурсот за нови бендови веќе е во тек, и истиот може да се пронајде на следниов линк.

Извор и фото: МММ



Врати се горе ↑