Настани 10370368_650488255040328_2715482313336248736_n

7 јули, 2014

Голем интерес за „Еко Грин Фестивал“ во Маврово

На само неколку дена пред одржувањето на вториот Eко Грин Фестивал (Еco Green Festival) во Маврово, организаторите најавуваат дека сè е подготвено, а мавровчани со душа ги чекаат гостите од цела Македонија, па и надвор од границите на истата. Оваа година содржините на фестивалот се во зголемен број, а активности ќе има за сечиј вкус.

Така, во петок на самиот почеток од фестивалот е закажана презентацијата и дегустацијата на традиционално приготвените пити и млечни производи од Mавровско – реканскиот крај, а во истовреме ќе биде организиран и пречекот на камперите на локацијата одредена како кампзона, близу до сцената, која оваа година ќе биде позиционирана на тревникот пред скитерените.

И оваа година, камппросторот е бесплатен.

На истата локација, во петок на 11-ти ќе бидат поставени и штандови на кои посетителите ќе имаат можност да ги видат ракотворбите, сувенирите и домашните производи карактеристични за Мавровско–реканскиот регион. Во попладневните часови ќе започне музичкиот дел од програмата, односно први на сцената ќе застанат неколку локални бендови, музичари и културно уметнички друштва од Маврово и Ростуше, додека вечерта, по 21 часот ќе се одржи концертот на Ареа. За загревањето на атмосферата ќе бидат задолжени членовите на План Г. По настапот на Ареа, посетителите ќе уживаат во звуците на мегапопуларните Инструктори, под палката на феноменалниот Бајага. Петочната вечер ќе заврши со настапот на диџеј Зомакс.

Саботното утро е резервирано за оние со здраво тело и здрав дух, а за нив во 7 часот ќе биде организирано групно планинарење на турата Маврово-Чавкарник-Маврово. Во утринските часови се закажани и натпревари во лов на ситна риба на пливка на Мавровското Eзеро кај потопената црква, а веднаш потоа ќе следува презентацијата на планинарска опрема и на опремата за спасување на вода. Како и минатата година, така и оваа, посетителите ќе можат да се натпреваруваат во влечење јаже, фрлање камен, брзо пилање и сечење дрва, натпревар за деца под 7 години во умешно возење велосипед и други слични активности и натпревари. Во сабота, во склоп на дневните активности се организирани и музички настапи на зурли и тапани, гајдаџии и кавалџии, а за сите гурмани од 16 часот е закажана дегустација на традиционално приготвените качамак и млечни производи од Mавровско – Реканскиот крај. Пред сетовите на диџеите од Антена радио, посетителите ќе можат да ја проследат крос кантри трката со велосипеди, но и да дознаат кои се победниците од сите активности со натпреварувачки карактер.

На 12 јули, во вечерните часови на фестивалската сцена со свој сет ќе се претстават и Грамофонџие, a по нив забавата продолжува со настап на Бед Копи и Гоце Саф. Како и лани, традицијата ќе продолжи и во недела, а тоа значи дека неделното утро ќе биде резервирано за заедничко чистење на локацијата и околината од отпадоци и смет. Исто така, во недела е закажана и планинарската тура Никифорово-Сандакташ-Никифорово, како и кружната ревијална велосипедска тура околу Мавровското Езеро со чистење на брегот на Мавровското Езеро. Новитет годинава е тоа што влезот нема да се наплатува.

Вториот Еко Грин викенд започнува на 11 јули, а завршува во недела (13 јули) со групно чистење на целиот предел на кој се одржува фестивалот.



Врати се горе ↑