За Вас IMG_8641

24 февруари, 2015

Гол против туберкулозата!

Децата од домот ,,11 Октомври”, околните училишта и Дани Димитровска победнички во борбата против туберкулозата

На еден месец пред Светскиот ден за борба против туберкулозата, Скопје беше домаќин на спортски натпревар, на кој децата од Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври”, децата од околните основни училишта и Дани Димитровска дадоа гол против туберкулозата. Болеста која, за жал, зема сè поголем замав во светски рамки, е непријател со кој човештвото мора да се соочи и притоа да излезе како победник. Децата од домот и од околните училишта, со фудбалски натпревар на кој единствена поразена страна беше оваа тешка болест, испратија порака дека посветеноста на превенција и заштита од туберкулозата е единствен начин за намалување на стапката на заболени жители на Земјата.

„Да, денес не само што дадовме гол, туку и ја победивме туберкулозата. Заедно со децата, испративме порака дека е време да се подигне свеста за оваа болест, кај сите генерации. Останува на нас колку ќе вложиме во борбата, а верувам и се надевам дека настанот „Гол против туберкулозата” е симболичен почеток на уште една голема победа на човештвото во целина”, истакна Дани Димитровска, која на децата им објасни што е всушност туберкулоза, и кој е најдобриот начин да се заштитат од оваа болест.

Настанот беше во организација на Здружението на граѓани МЕРЦ, кои ја нагласија својата желба за ширење на свеста за оваа тешка болест меѓу граѓаните во Македонија.

„Веруваме дека борбата против болестите на 21-виот век, вклучувајќи ја и туберкулозата е борба на сите граѓани. Превенцијата на оваа болест во голема мера зависи од информираноста на граѓаните, а „Дај гол против туберкулозата” е само еден настан преку кој сакаме да ја подигнеме свеста за болеста. Благодарност до Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври”, околните основни училишта и Дани, кои на точно еден месец пред Светскиот ден на борба против туберкулозата покажаа како сите ние треба да се посветиме за да успееме да ја добиеме оваа битка за нас и нашето здравје”, изјави Дарко Илиев, претставник на МЕРЦ.

Од оваа невладина организација најавуваат уште активности кои ќе претходат на Светскиот ден на борба против туберкулозата. Како што самите велат, ова е единствениот начин на кој може да се делува, но и единствен начин на кој може да се привлечат што повеќе граѓани активно да се вклучат во борбата против туберкулозата. Борбата против туберкулозата е наша борба и сите треба да се придружиме на оваа благородна мисија.



Врати се горе ↑