Настани mkd-240078

27 јануари, 2016

Годишна забава на „Скопје џез фестивал“ со „Гоце Стевковски септет“

Почетокот на годината „Скопје џез фестивал“ го одбележува со веќе традиционална годишна забава, на која, покрај настапот на џез-група, се промовира и ексклузивниот календар за тековната година. На 28 јануари во арт-клубот „Менада“ (Стара скопска чаршија), со почеток во 22 часот, ќе настапи „Гоце Стевковски септет“ и ќе биде промовиран календарот за 2016 година, а влезот е слободен.

Македонскиот тапанар и перкусионист Гоце Стевковски е познат по соработката со бројни македонски рок и џез групи и музичари, меѓу кои Бодан Арсовски и „Езгија оркестар“, „Архангел“, „Леб и сол“, „Проект Жлуст“, Д.Н.О, „Фолтин“, Никола Коџабашија, Шарески квартет, Зоран Маџиров и други. Во 2013 година, Стевковски го формира својот состав „Гоце Стевковски септет“, со кој го издава деби-албумот „7 Stories“, кој од од страна на критичарите беше оценет како ретко остварување, пост-хард боп албум со впечатливи мелодии и совршен баланс на суптилност и ненаметлива виртуозност.

„Гоце Стевковски септет“ ги соединува претставниците на младата генерација талентирани македонски џез-музичари, во прв ред саксофонистите Кире Кузманов и Иван Иванов, рамо до рамо со Тодор Бакрџиев на труба, Сашко Николовски на тромбон, Дамир Имери на клавијатури и Оливер Јосифовски на бас.

Традиционалната џез забава ќе биде збогатена со промоција на новиот календар на „Скопје џез фестивал“ за 2016 година, со фотографии на познатиот словенечки фотограф Жика Коритник.

Извор и фотографии: Вистина.мк



Врати се горе ↑