29 октомври, 2013

Гоблините ги претставија „Децата од соседството“

Српскиот панк рок состав Гоблини деновиве го објави својот нов сингл и видео запис, а темата насловена „Деца из комшилука“ го најавува повратничкиот албум на бендот „Роба с грешком“, кој кон средината на ноември ќе го објави промотерската куќа Лонг Плеј.

„Ова не е песна од Гоблините, ова е пренесување на порака за сите оние луѓе кои нè опркужуваат, кои со нас поминуваат или доживуваат исти или слични животни ситуации и сметавме дека тие се еднакво, ако не и повеќе заслужни за да се појават во видео записот“ – вели фронтменот Бранко Голубовиќ-Голуб. Видео записот кој го изработи новосадската ID продукција. со својата „орвеловска“ атмосфера е визуелна надградба на музички жестоката, политичка ангажирана песна „Деца из комшилука“, чии стихови предупредуваат дека „сè се вратило на старо“. „Видеото би требало јасно да ја подвлече самата порака на песната, со која ќе се одговори на прашањето зошто Гоблините не се појавуваат во овој видео запис.“ – објаснува Голубовиќ.

Фото: Марко Ристиќ 

Албумот „Робу с грешком“ ќе биде објавен кон средината на ноември и ќе биде прво издание по „Ре-Контра“ од 1999 година. Бендот Гоблини е основан во 1992 година во спрскиот град Шабац од страна на гитаристот Ален Јовановиќ, басистот Владислав Кокотовиќ и пејачот Голубовиќ. Во текот на кариерата имаат објавено четири студиски албуми: „Гоблини“ (1993), „Истините приче 1. део“ (1994), „У Магновењу“ (1996) и „Ре-Контра“ (1999), двете концертни изданија „Live in KST“ (1995) и „Турнеја у магновењу“ (1998), како и компилациското издание „Најбоље приче“ од 2004 година.

Во текот на нивната кариера имаат одржано повеќе од 350 концерти, а во текот на деведесеттите беа еден од најважните рок бендови во регионот. Последниот концерт пред да престанат со работа, Гоблините го одржаа на 7-ми јуни 2001 година во Загреб. По паузата од приближно една деценија, Гоблините продолжија со работа кон крајот на пролетта во 2010 година. Во поставата беа Голубовиќ (вокал), Јовановиќ (гитара), Кокотовиќ (бас), Саша Шетка (гитара) и Милан Арнаутовиќ (тапани). Тоа лето бендот го објави ЦД синглот „Црно на бело“ со песните „Луна/Као да…“ (во заедничка продукција на СКЦ од Нови Сад и Шабачкиот летен фестивал). Излегувањето на синглот беше проследено со видео запис за песната „Луна“, како и документарен филм за бендот во продукција на РТВ. 

Гоблините во моменов се составени од Голубовиќ, Јовановиќ, Кокотовиќ, Арнаутовиќ и гитаристот Леонид Филиповиќ, кој со Гоблините претходно го снимил и култниот албум „У магновењу“.




Врати се горе ↑