23 февруари, 2015

„Glory“ на Комон и Џон Леџенд наградена и со Оскар

Синоќа во театарот „Долби“ во Лос Анџелес по 87. пат беа доделени филмските награди на Академијата за филмски уметности и науки – Оскарите. Водител на церемонијата беше мултиталентираниот актер и комичар Нил Патрик Харис, кој имаше и своја музичка точка заедно со колегите Ана Кендрик и Џек Блек. Покрај прогласувањето на победниците, манифестацијата беше збогатена и со настапите на Адам Левин (Марун 5), Тиган и Сара со „Лоунли ајленд“, Рита Ора, Тим Мекгро и Комон со Џон Леџенд, кои ги изведоа номинираните песни во категоријата „Најдобра оригинална песна“. Специјални настапи имаа и Џенифер Хадсон и Лејди Гага; во чест на сите личности од светот на филмот кои починаа во текот на минатата година, Хадсон ја отпеа „I Can’t Let Go“ од серијата „Смеш“, а Гага настапи во чест на Џули Ендруз и 50-годишнината од легендарниот мјузикл „Звукот на музиката“,

Најгромогласен и најдолг аплауз доби токму темата „Glory“ од филмот „Селма“, која предизвика лавина емоции и солзи кај присутните и веднаш по изведбата ја доби и златната статуетка за „Најдобра оригинална песна“. Филмското остварување на режисерката Ава ДуВернеј е историска драма која раскажува за трите протестни маршови од Селма до Монтгомери во 1965 година, кои доведоа до усвојувањето на законот за право на глас, значаен успех за афроамериканското движење за граѓански права. Емотивната песна во изведба на Комон и Џон Леџенд неодамна беше наградена и со Златен глобус, исто така во категоријата „Најдобра оригинална песна“. Синоќешниот настап погледнете го горе.

Триумф на „Брдмен“

За златните статуетки годинава се бореа 17 филмски остварувања: според бројот на номинации предводеа филмовите „Брдмен (или „Неочекуваната доблест на незнаењето“) и „Гранд хотел Будимпешта“, кои се натпреваруваа во 9 категории, историската драма за таткото на компјутерите, Алан Туринг, филмот „Игра на имитација“ беше во трка за 8 статуетки, „Американски снајперист“ и „Момчештво“ се бореа во 6 категории, „Фокскечер“, „Меѓуѕвездени“, „Теоријата за сè“ и „Ритамот на лудилото“ добија по 5 номинации, „Господин Тарнер“ доби 4, „Во шумата“ и „Нескршено“ по 3, а „Чувари на галаксијата“, „Ида“, „Вроден порок“, „Селма“ и „Дива“ се натпреваруваа во по 2 категории.

Со освоени 4 статуетки, вклучувајќи ги „Најдобра режија“, „Најдобро оригинално сценарио“, „Најдобра кинематографија“ и главната „Најдобар филм“, триумфираше остварувањето на мексиканскиот режисер и продуцент Алехандро Ињариту – „Брдмен“. Исто толку статуетки освои и Гранд хотел Будимпешта, кој победи во категориите „Најдобар дизајн на костими“, „Најдобра шминка“, „Најдобар дизајн на продукција“ и „Најдобра оригинална музика“.

 

Наградата за „Најдобра машка улога“ отиде во рацете на британскиот актер Еди Редмејн, кој одлично ја одигра улогата на познатиот физичар Стивен Хокинг во филмот Теоријата за сè, а со статуетка за „Најдобра женска улога“ се закити Џулиен Мур за улогата на Алис во драмата Сè уште Алис, снимена врз основа на истоимениот бестселер од Лиса Генова. Одлично одиграната улога во филмот Ритамот на лудилото“ (Whiplash) му донесе Оскар за „Најдобра машка споредна улога“ на Џеј Кеј Симонс, а по Златниот глобус во истата категорија, Патриша Аркет освои и Оскар за „Најдобра женска споредна улога“ во уникатната драма којашто се снимаше цели 12 години – „Момчештво“ (Boyhood).

Историската драма „Игра на имитација“ ја освои наградата за „Најдобро адаптирано сценарио“, а полскиот филм „Ида“ победи во категоријата „Најдобар филм на странски јазик“. „Американски снајперист“ доби Оскар за „Најдобра монтажа на звук“, а „Ритамот на лудилото“ освои 2 статуетки за „Најдобар микс на звук“ и „Најдобра монтажа на филм“, додека „Најдобри визуелни ефекти“ има Меѓузвездени“ (Interstellar).

Дизниевиот Град на хероите“ (Big Hero 6) доби Оскар за „Најдобар анимиран филм“, а „Гозба“ (Feast) за „Најдобар краток анимиран филм“. Во категоријата „Најдобар документарен филм“ победи „Ситизенфор“ (Citizenfour) за шпионскиот скандал со Едвард Сноуден, а за „Најдобар краток документарен филм“ беше прогласен „СОС линија за ветерани“, додека наградата за „Краток игран филм“ ја освои британската драма „Телефонски повик“.

Наградите на синоќешната манифестација ги доделуваа бројни имиња од светот на филмот и музиката, па така во улога на презентери ги видовме Лупита Нијонго, Лиам Нисон, Дакота Џонсон, Џенифер Лопез, Рис Витерспун, Никол Кидман, Ширли Меклејн, Марион Котијар, Гвинет Полтроу, Џон Траволта, Еди Марфи, Идина Мензел, Опра Винфри и многу други.

И.Ј.



Врати се горе ↑