Концерт

22 декември, 2017

Глобалниот џипси-панк феномен „Гогол бордело“ во Скопје!

Покрај веќе најавените гостувања на „Крафтверк“ и „Лорд оф д денс“ТАКСИРАТ во чест на јубилејното 20. издание во 2018 година, со задоволство го најавува и концертот на „Гогол бордело“ (Gogol Bordello)славниот џипси-панк бенд и еден од најимпресивните бендови во живо на денешницата, кој на 29 мајгостува во Младинскиот Културен Центар во Скопје, а во рамки на турнејата „Seekers And Finders“ за истоимениот, нов албум.

 

Комбинирајќи ги панк и ромската музика со хумор и ефектни, хаотични и енергични сценски настапи, „Гогол бордело“ (Gogol Bordello) ја раскажува приказната за имигрантите и дијаспората. Предводникот на бендот, украинецот Јуџин Хуц (Eugene Hütz), бегајќи од катастрофата во Чернобил, се вљубува во мистичните тонови и богатството на ромската музика која не ѝ припаѓа на „мејнстримот“, но со која е поврзан и од семејните корени. Живеејќи како бегалец во Европа, и самиот го искусил животот во кој не припаѓа никаде, сѐ додека музичкиот пат не го одведе во Њујорк каде што го оформува бендот.

Во 1999 година го објавуваат првиот албум Voi-La Intruder кој го претставува ворлд-мјузик звукот отсвирен во полна панк брзина, а на кој како соработник и продуцент се потпишува и Џим Скалвунос (Jim Scalvunos) тапанарот на „Ник Кејв енд д бед сидс“. Комплетниот бенд со гитари, тапани, хармоника и саксофон на ова издание звучи моќно, а за дополнителна популарност придонесе и самиот Хуц пуштајќи џипси музика во ноќните клубови. Подоцна нивната уникатност и креативност ја освојува и популарната музичка ѕвезда Мадона, која соработува со „Гогол бордело“ на нејзиното режисерско деби, филмот „Нечистотија и мудрост“ (Filth and Wisdom) во кој, покрај музиката, Јуџин Хуц е задолжен и за главната улога.

 

Со осумте досега студиски изданија, подоцна проследени со небројни турнеи, со незапирливиот продор на Јуџин на уметничката и филмската сцена, како и поддршката од славните имиња на светската сцена, членовите на „Гогол бордело“ со право важат за големи меѓународни музички ѕвезди кои од андерграунд легенди прераснаа во интернационален феномен. „Гогол бордело“ е бенд за кој се вели дека постојано го истражува креативниот пекол и ја напаѓа човечката пасивност, бенд кој оди и чекор над музиката, над политичкото, насочувајќи го вниманието кон уметничката револуција на глобалното доба, а следната година нивната нескротлива сценска енергија конечно ќе имаме прилика да ја доживееме и во Скопје. Неповторливиот еклектичен бенд гостува во Скопје промовирајќи го својот нов албум „Seekers And Finders“ објавен во август годинава, а кој се појавува четири години по студискиот претходник Pura Vida Conspiracy“ (2013).

„ТАКСИРАТ“ во 2018 го прославува своето јубилејно 20. издание, а со концертот на ГОГОЛ БОРДЕЛО македонската публика има загарантирана незаборавна славеничка вечер на 29 мај во МКЦ.

Влезниците за овој концерт се достапни преку продажната мрежа на МкТикетс и само во органичен бројНајповолната цена од 500 денари е ограничена само за првите 300 билети, а по нивното распродавање, вториот и третиот подеднаков контингент влезници ќе бидат достапни по цена од 600 и 700 денари.



Врати се горе ↑