За Вас

24 јануари, 2018

„Глобал гејм џем“ по шести пат во Македонија

Глобал гејм џем“ (Global Game Jam) е најголемиот интернационален настан за креирање и правење на игри кој се одржува еднаш годишно, истовремено на голем број локации низ целиот свет во вид на 48-часовен маратон. Како дел од Меѓународната асоцијација на развивачи на игри (International Game Developers Association – IGDA), неговата цел е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање. Во 2017 година на „Глобал гејм џем“ се сретнаа 36.000 џемери, се одржа на 702 локации во 95 земји и беа создадени преку 7.000 игри.

Македонија го започна своето учество во 2013 година со локации во Скопје и Битола. Во изминатите пет години интересот за учество беше изненадувачки голем. На него досега се сретнаа скоро 1.200 учесници – професионалци, студенти, средношколци и ентузијасти од различни сфери за заедно да креираат игри, разменуваат знаење и остваруваат контакти. Досега се создадени 121 видео игрa во прототип, од кои некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти.

Македонија беше на 5. место во светот по бројот на игри создадени на нашиот настан по глава на жител. Оваа година сакаме да го подобриме тој пласман, преку зголемување на бројот на учесници.

„Глобал гејм џем Македонија 2018“ се очекува да има преку 300 учесници на локациите. За нив организаторите ќе обезбедат непрекинат интернет пристап, храна, пијалаци, простор за работа, простор за рекреација и простор за одмор. Очекуваме да продефилира публика од над 2.000 луѓе за време на отварањето и затварањето, како и во текот на настанот.

„Глобал гејм џем“ во Скопје го организира МАГДА (Македонска Асоцијација за развивање на игри) и оваа година ќе се одржи во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ. За учесниците е обезбеден непрекинат интернет пристап, храна, пијалаци, простор за работа, простор за рекреација и простор за одмор. Во текот на работата ментори од ќе им помагаат на учесниците и ќе одржуваат кратки предавања. За најиновативните тимови и поединци се обезбедени награди.

Повеќе информации за настанот може да се добијат на нашата веб-страна: gamejam.mk



Врати се горе ↑