За Вас GGJM 2016-poseter-L

26 јануари, 2016

„Глобал гејм џем“ по 4. пат во Македонија

„Глобал гејм џем“ (Global Game Jam) е најголемиот интернационален настан за креирање  и правење на игри кој се одржува еднаш годишно, истовремено на голем број локации низ целиот свет во вид на 48­-часовен маратон. Како дел од Меѓународната асоцијација за развивање на игри (International Game Developers Association – IGDA), неговата цел е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање. Во 2015 година „Глобал гејм џем“ се одржа на 518 локации во 78 земји и беа создадени преку 5400 игри.

Македонија го започна своето учество во 2013 година со локации во Скопје и Битола, а од оваа година и во Охрид. Oрганизиратор е Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА. Во изминатите три години интересот за учество беше изненадувачки голем. На него досега се сретнаа скоро 600 учесника – ентузијасти, средношколци, студенти и професионалци од различни сфери за заедно да креираат игри, разменуваат знаење, остваруваат контакти и да се дружат и играат. Досега се создадени 77 видео игри во прототип, од кои некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти.

„Глобал гејм џем“ во Скопје и Битола го организира МАГДА (Македонска Асоцијација за развивање на игри), а оваа година ќе се одржи во просториите на Инкубаторот „Сивус“ (Seavus) во Скопје и ФИКТ во Битола. За учесниците е обезбеден непрекинат интернет пристап, храна, пијалаци, простор за работа, простор за рекреација и простор за одмор. Во текот на работата ментори од студиото „Сивус“ за развивање на игри и од „Матрикс глобал – Тебтејл“ (Matrix Global – TabTale) ќе им помагаат на учесниците и ќе одржуваат кратки предавања. За најиновативните тимови и поединци се обезбедени награди.



Врати се горе ↑