Македонија 1378297_605418646183466_1974470461_n

26 октомври, 2013

Гласајте за „Хит на месецот“

Синоќа на првиот канал на Македонската Радио Телевизија започна новата музичка емисија „Хит на месецот“, која ќе се емитува секој последен петок од месецот. Во рамките емисијата како предлози беа претставени десет песни, а победничката тема ќе се дознае во следното издание на емисијата. Скратено издание на оваа топ листа со актуелното рангирање на песните ќе се емитува како потсетување за гледачите еднаш неделно во секое издание на емисијата  Стисни Плеј, којашто е во врзан проект со емисијата „Хит на Месецот’’. Вчера беа претставени десет теми, а предвидено е секое следно издание на емисијата да понуди три нови музички предлози.

Гласањето ќе трае сè до следната емисија (еден месец), а за Вашиот фаворит можете да гласате на овој линк. Во продолжение погледнете ги десетте предлози за овој месец.

Првиот предлог е неодамна објавениот сингл „Херој“ од Магдалена Цветкоска Ена, чиј видео запис беше промовиран пред десетина дена. Песната која е дело на тандемот Цветкоски, се најде на истоимениот деби албум кој Ена го претстави минатата година, а како изгледаше нејзиниот настап во „Хит на месецот“ можете да видите во продолжение.

Како втор предлог за овој месец е последниот сингл на групата Пеперминт, а песната насловена „Бранка“ е дел од албумот „Ама ако“ кој групата го промовираше во февруари годинава.

 

Предлог број три е летниот хит „Месечина“ на Димитар Андоновски, кој е потпишан од тандемот Ена и Лазар Цветкоски и кој треба да се најде на неговиот долгоочекуван деби албум, чија промоција беше првично закажана за септември, но за жал тоа не се случи. Се надеваме дека неговото првенче ќе стигне наскоро.

 

Повратничката тема „Земи ме“ со која Кристина Арнаудова се претстави на годинешниот Макфест 2013 и која е потпишана од самата Арнаудова и Бојан Трајковски, е предлог број 4 за овој месец, а нејзината изведба можете да ја видите во продолжение.

 

Во првата емисија на „Хит на месецот“ својата премиера ја доживеа и новиот сингл на Нокаут, а темата насловена „Да си тука вечерва“ чии автори се Пере, Нокаут и Тони Михајловски, е предлог број 5.

 

Баладата „Не е фер“ на Дарко Илиевски, која е негово авторско дело и чиј аранжман го направи Лазар Цветкоски, е шестиот предлог за овој месец.

 

Седмиот предлог е овогодинешната победничка композиција на Макфест 2013, темата „Врати ми го сонцето“ отпеана од струмичанката Александра Јанева, а како автори се потпишуваат Ристо Самарџиев (музика и текст) и Владимир Дојчиновски (аранжман).

 

Предлог број 8 е уште еден летен хит со кој познатиот музичар и продуцент Роберт Билбилов се врати на сцената една година по издавањето на неговиот последен албум „Лице од насловна“. Станува збор за песната „Ти се промени“ во која гостува бизнисменот Дон и која е потпишана од Анета Качуркова и Марко Маринковиќ – Слаткаристика.

 

Кумановецот кој направи бум на македонската музичка сцена и кој неодамна го претстави својот деби албум насловен „Нешто поинакво“, набрзо потоа го промовираше и видео записот за темата „Пишано е“, а токму таа песна потпишана од самиот Тајзи (текст) и Иван и Јован Јованови (музика и аранжман) е предлог број 9.

 

Последниот предлог број 10 за овој месец е преработката на познатиот хит „Во парк“ од Студени Нозе, која во мај годинава ја претставија Викторија Лоба и Влатко Илиевски.

 

За Вашите фаворити можете да гласате на овој линк.



Врати се горе ↑