Настани 75d9c8be-0d07-4d5f-a459-8b74d9c97a2b

9 ноември, 2015

„Ѓурологија“ на офф-Таксират! Бранко Ѓуриќ Ѓуро со своето анти-стенд-ап шоу доаѓа во Скопје!

Новиот авторски хит „Ѓурологија“ на легендарниот босански актер Бранко Ѓуриќ – Ѓуро, која во моментов е најгледаната претстава на подрачјето на поранешна Југославија, премиерно стигнува и пред македонската публика. Популарниот и наградуван сараевски актер, режисер, хуморист и „надреалиста“, ќе ја насмее публиката на 3 декември во Младинскиот културен центар во Скопје.

Ова анти-стенд-ап шоу, како што самиот сака да го нарекува, е своевиден непосреден и искрен разговор со публиката и збир на неговите размислувања кои ги претставува на забавен начин и тоа за работи кои го засмејуваат, но и го нервираат во секојдневниот живот. А збирката на размислувања на извонредниот Бранко Ѓуриќ, не престанува да ги полни арените ширум регионот.

Со босански шарм и долгогодишно актерско искуство, кое посебно се истакна во култниот проект „Топ листа надреалиста“, имате гаранција дека публиката 90 минути ќе ужива во претставата Ѓурологија“ со поднаслов „Шио ми га Ѓуро. За само неколку месеци, оваа стенд-ап комедија веќе ја виде огромен број публика, како на Балканот, така и во Америка и Канада, каде што неколку вечери по ред во преполните сали публиката се смееше речиси два часа без престан. Убедливиот рекорд досега дефинитивно се белградскиот „Дом синдиката“ каде што популарниот „надреалист“ настапи шест пати и секако „БКЦ“ во Сараево со над 10 распродадени претстави.

Балканците се познати по тоа дека секогаш на сите проблеми гледаат од духовитата страна и во најтешките моменти знаат да најдат причина за смеење и добар хумор. Овој менталитет веројатно е најдобро пресликан токму во врвниот талент на Ѓура. Бранко Ѓуриќ Ѓуро, на некој начин секогаш е актуелен и забавен, па по 25-годишна кариера се чини дека дури и не мора да направи нешто ново – тука се „Топ листа надреалиста“, легендарните стари филмови, хитовите на „Бомбај штампа“… Иако самиот вели дека квалитетот на хуморот не е променет, туку луѓето денес поретко се смеат, со својот нов хит „Ѓурологија“ тој го покори регионот со смеењето како значајна терапија против суровото секојдневие.

На крајот од годината и Скопје ќе ја има привилегијата да се смее и забавува со неповторливиот Бранко Ѓуриќ – Ѓуро. Во рамките на офф-Таксират програмата извонредниот хуморист ќе настапи на 3 декември во МКЦ со несекојдневната монодрама „Ѓурологија.

Влезниците од 300 денари во претпродажба ќе можете да ги набавите преку продажната мрежа на МКтикетс и онлајн на овој линк. Истите на денот на настанот, ќе се продаваат на билетарата во МКЦ, а ќе чинат 400 денари.



Врати се горе ↑