29 јуни, 2015

Ѓорѓи Крстевски се враќа со „Домот светост е“

По летниот хит „Прекрасна“, којшто ни го претстави во 2013 година, Ѓорѓи Крстевски конечно нè израдува со нова песна и видео запис. Станува збор за темата насловена „Домот светост е“, чиј комплетен автор, а и режисер на видео записот е самиот Крстевски, кој игра улога на војник кој се враќа дома, а сопругата со три дечиња го пречекува на железничката станица. Песната е снимена во „Крстевски мјузик студио“, а постпродукцијата на видео записот е на „Аворд продукција“. За неа и за спотот Ѓорѓи доби субвенции од Владата, според Законот за поддршка на домашната музика, во категоријата песни кои ги промовираат семејните вредности.

„Најпрво ти доаѓа музиката, па ти се вртка некоја мисла со текст… потоа го пишуваш, допишуваш… во меѓувреме почнуваш да го слушаш аранжманот во глава, со сите инструментални делници, и сè си има, и ритам, и хармонии, целиот звук… па седнуваш да го работиш за да не го слушаш само ти и само во твојата глава, туку да добие и реален звук. Потоа снимаш и сè онака како што веќе постои сè уште само во твојата визија… потоа одненадеж ти доаѓа целата идеја за спотот и седнуваш да го работиш сценариото, ги разработуваш и црташ сите сцени… потоа сосема случајно сретнуваш прекрасна девојка која ја прифаќа твојата покана да биде дел од видеото. Ги бираш локациите, на снимањето имаш предизвик да бидеш и актер и режисер и многу други работи, но сето тоа е задоволство затоа што снимаш со 3 мали златни дечиња. Така со многу труд и малку сеќа сè поминува низ смеа и сите се задоволни… Потоа одиш на монтажа, а во меѓувреме го работиш и миксот за аудиото и не застануваш сè додека сè не изгледа и звучи баем 90% од она како звучеше и изгледаше на самиот почеток во твојата визија… На крај, се надеваш дека опевањето на семејните вредности кои сè помалку знаеме да ги цениме, а се толку битни за развојот на децата, меѓучовечките односи и се столб на едно општество, ќе и се допаднат на твојата ценета и верна публика, која искрено и со цело срце ја сакаш“, вака Крстевски го опиша процесот на создавањето на оваа песна, која можете и бесплатно да си ја симнете преку сервисот „Саундклауд“, како звучи и изгледа „Домот светост е“ можете да погледнете горе. Уживајте!

 



Врати се горе ↑