Македонија gjoko

18 декември, 2012

Ѓоко Танески за Нова Година на плоштад во Охрид

Пријатна, весела и пред сè долга прослава за доаѓањето на Новата година, најавуваат за охриѓани локалните власти. Програмата ќе започне уште на пладне за најмладите и ќе продолжи до раните утрински часови. Покрај Ѓоко Танески, Ристо Самарџиев, Аренси бенд и групата Камелеон кои ќе пеат во шпицот на вечерта, на плоштадот ќе настапат голем број домашни изведувачи и тоа најмногу од охридскиот регион. Портпаролот на општина Охрид, Симон Илиевски, за Плусинфо изјавил дека за целата прослава се потрошени околу 10.000 евра и дека намерно не планирале да се потроши премногу на странски или ексклузивни пејачи, бидејќи угостителските објекти се веќе 80 отсто пополнети и секој си има своја богата програма. Охрид е веќе украсен и подготвен за празниците, па затоа од општината се надеваат дека ќе биде забавно и раздвижено на прагот на 2013-тата.

Битолчани сè уште не знаат со кого ќе ја дочекаат Новата година на плоштад. Од општина Битола велат дека иако се во преговори со неколку домашни изведувачи, деталите и програмата ќе се знаат дури неколку дена пред настанот, пренесе Плусинфо.

Лани на плоштадот „Магнолија“ за најлудата ноќ во придружба на домашната група Боеми настапуваа Маја Оџаклиевска, Драган Мијалковски, Кристина Арнаудова и многу локални музичари, а дневна програма за најмладите имаше неколку денови по ред.

За другите градови, за сега се знае дека порано во текот на денот во Прилеп ќе настапат рок составот The Hounds, ДНК и Давид Нешкоски Трио, а на полноќ ќе пеат Суперхикс, додека кумановци ќе ги забавува хрватската пејачка Данијела Мартиновиќ.



Врати се горе ↑