Видео

22 јануари, 2019

Ѓоко Јовиќ од пред Водици се подготвува „За Велигден“

Македонскиот фолк-пејач Ѓоко Јовиќ деновиве, поточно меѓу Василица и Водици, ја објави својата нова песна насловена „За Велигден“. Иако во неа се споменува големиот христијански празник и несомноно дека истата токму тогаш ќе биде во фокусот и ја достигне кулминацијата на својата популарност, сепак македонскиот фолкер не ја правел наменски, зашто пред се’ се работи за печалбарска песна која во себе ја крие патината на македонскиот печалбар и неговиот живот во туѓина.

Интересно е тоа што Ѓоко Јовиќ често настапува за нашите иселеници во дијаспората, особено во прекуокеанските земји како Австралија, САД и Канада, па веројатно од таму и инспирацијата за песната. Втор куриозитет е тоа што видеото реализирано токму од македонско-австралиската „ИН продукција“, се појавува неговото семејство, односно неговата сопруга и трите дечиња, а главната улога ја има нивната бабичка.

„Имав свои очекувања за песнава, но да бидам искрен, критиките и пофалбите нив ги надминаа, како прегледите на каналот на Јутјуб. Коментарите кои како фидбек ги добивам се многу позитивни и многу ми значат, бидејќи се искрени и од топол народ, како од овде така и од дијаспората. Се надевам дека песната ќе продолжи и допрва ќе го наоѓа патот до публиката“, изјави Јовиќ за македонските портали.

Инаку, самиот тој ја компонирал музиката, додека автор на стиховите е Александар Стевановски, а аранжманот го потпишува Дамир Имери. Песната е снимена и миксана во студиото „Анастасија“ од страна на Љупчо Павловски, кој го правел и мастерингот на истата, а сите вокали ги пее самиот изведувач. Како звучи и изгледа „За Велигден“ во јануари на Ѓоко Јовиќ дознајтево продолжение. Уживајте!

Извор: Вистина.мк



Врати се горе ↑