Аудио ѓоко

14 јули, 2017

Ѓоко Ѓорчев подготвува албум со светски арии и евергрини

Ѓоко Ѓорчев, кој годинава прославува 25 години на македонската естрадна сцена, деновиве во родното Неготино работи на нов музички материјал, кој, како што вели, ќе го стави на албум. Овој пат тој ќе им даде свој белег на познатите светски арии и евергрини, а еден од нив ќе биде и познатата песна на Френк Синатра, „My way“што е и работен наслов на неговиот нов носач на звук.

 

Неодамна Ѓорчев сними и свои верзии на два музички бисера, најпознатата арија од мјузиклот „Фантомот од операта“ на композиторот Ендрју Лојд Вебер, која ја отпеа во дует со оперската пејачка Кристина Палија, и темата Caruso на легендарниот италијански кантавтор Лучио Дала, кои исто така ќе се најдат на албумот.

 

„Јас сум пејач на забавни мелодии, но ги негувам и евергрините. Уште кога првпат се појавив на сцената поради мојот специфичен тенор ме нарекоа македонскиот Том Џонс, а тој прекар остана до денес. Евергрините се моја голема љубов, па затоа одлучив некои до најубавите мелодии што се отпеани да ги ставам на новиот албум што го подготвувам. Исто така, неодамна снимив и оперска арија, заедно со сопранистката Кристина Палија од Неготино. Станува збор за дуетот од мјузиклот ’Фантом од операта’ на Вебер. Среќен сум што се случи тоа, бидејќи преку оваа интерпретација открив некои нови вокални можности, а, секако, голем придонес има и Владимир Дојчиновски, кој го направи аранжманот“, вели Ѓорчев.

 

„Големо задоволство ми беше и снимањето на ’Caruso’ на познатиот Лучио Дала. Сега пред мене е уште еден предизвик, желба ми е да ја снимам познатата арија ’Nessun dorma’ од операта ’Турандот’ на Џакомо Пучини, која на својот репертоар ја имаат најпознатите светски тенори. Се надевам ќе соберам сили, а верувајте за таа цел секојдневно учам некои нови техники во пеењето“, открива тој, додавајќи дека на новиот албум ќе се најдат и неговите интерпретации нa евергрините Yesterday“, „Spanish eyes“, „Quando, quando“, „I cant stop loving you“, како и вонвременските хитови „Love story“ и „Parla piu piano“, познатата тема од филмот „Кум“. Албумот треба да биде готов до Нова година.

Ѓорчев во август ќе одржи и концерт во Кавадарци, на кој ќе го придружува Филип Стефановски џез-бенд од Штип, со кој ќе настапи на концертот на крајот на септември во МОБ, кога ќе одбележи четврт век на сцената.

„Не се чувствувам уморно кога е во прашање музиката, сѐ уште имам елан, желби, амбиции, планови. Лани настапив на ’Охрид фест’, а се надевам дека ќе пеам и оваа година на овој реномиран меѓународен фестивал, чиј прв човек, композиторот Григор Копров, прв ме забележа и ми го отвори патот на естрадата. Во изминатите 25 години снимив шест албуми, освоив многу награди на домашни и меѓународни фестивали, снимив многу песни и спотови, кои мојата публика може да ги слушне на мојот канал на Јутјуб, заклучи Ѓоко Ѓорчев.

Извор: Нова Македонија



Врати се горе ↑