Македонија

27 јули, 2019

Ѓоко Ѓорчев и Катерина Танева ја препеаја „Земјо моја“

Ѓоко Ѓорчев наскоро ќе го претстави третиот дует со колешката Катерина Танева, за публиката најпозната како вокалистката на групата „Нели ти реков“. Песната ќе го носи насловот „Земјо моја“, која е, всушност, македонска верзија на истоимениот евергрин од поранешните југословенски простори, своевемено отпеан од Исмета Крвавац. Стиховите на македонски јазик ги потпишува Огнен Неделковски, а аранжманот го направи Владимир Дојчиновски.

Пејачите наскоро ќе влезат во студио, а веќе се прават и подготовките за снимање на видеото.

„Нашата верзија на ’Земјо моја’ нè враќа во некое убаво и среќно време и се надевам дека и публиката ќе го препознае тоа во нашата интерпретација. Среќни сме што ќе отпееме една антологиска песна, која се надевам ќе допре до срцата на многу луѓе и ќе биде прифатена од публиката“, откри македонскиот Том Џонс за „Нова Македонија.

Соодветно со самиот наслов, во видеото ќе бидат прикажани убавините на нашата земја, а зад неговата реализација ќе застане телевизија „Сител“. Снимањето ќе започне следната недела, а откако ќе се реализира, во план е промоција во Скопје.

Ѓоко и Катерина зад себе ги имаат и дуетите „Последен танц“ и „Земја библиска“, а како ќе звучи нивната трета заедничка песна, ќе дознаеме наскоро.

Извор и фотографија: Нова Македонија

 



Врати се горе ↑