Аудио

5 јануари, 2019

Гитаристот на „Квин“, Брајан Меј го објави првиот соло-сингл по 20 години

Гитаристот на легендарната група „Квин“, Брајан Меј го објави својот прв соло-сингл, кој доаѓа по точно две децении од последно објавената „Another World“ (1998). Имено, музичкиот ветеран со докторат за астрофизика, соодветно насловената тема „New Horizons“ ја лансираше на Нова година од контролниот центар на НАСА, како поддршка за истоимената мисија што има за цел да го достигне најдалечното место во вселената досега, а можат да се слушнат и зборови од покојниот научник Стивен Хокинг.

„Овој проект ми даде енергија на нов начин и ми беше возбудлив предизвик да ги спојам двете страни од мојот живот – астрономијата и музиката. За сето тоа виновен е Алан Стерн, раководителот на овој проект на НАСА, кој ми ја даде идејата минатиот мај. Тој ме замоли да смислам тема за ’Ултима Тули’ (Ultima Thule), која би можела да свири кога ќе биде достигната оваа нова дестинација“, рече Меј, додавајќи дека се инспирирал од идејата што ова е најдалечната точка до која стигнал човекот.

„За мене, тоа е сржта на човековиот дух и неговиот вечен стремеж да го разбере Универзумот во кој живееме“, дополни тој. „Секој што вложил толку енергија во оваа мисија од нејзиното лансирање во јануари 2006 година, ќе има чувство дека е внатре во тоа мало летало со големина на пијано, сведочејќи на уште една спектакуларна глетка. И преку ’очите’ на тоа летало ќе почнеме да дознаваме, за првпат, од што е направен тој објект од Кајперовиот појас.

 

Минатата 2018 година беше мошне значајна за сите членови на легендарниот бенд, а освен што беше соопштено дека култната „Bohemian Rhapsody“ е најпреслушуваната песна на 20. век, истоимениот филм стана биографски филм со најголема заработувачка досега (715,6 милиони долари од прикажување ширум целиот свет).

Со актерот Рами Малек во улога на легендарниот Фреди Меркјури, филмот се прикажува во кината ширум светот од ноември, а како што беше соопштено деновиве, на дивиди-изданието што ќе стигне на 4 март, ќе бидат вклучени и уште 22 минути од претходно не прикажани сцени од историскиот настап на „Лајв ејд“, како и снимки зад сцената и разговори со екипата од филмот и со членовите на „Квин“.

 

 

 



Врати се горе ↑