Концерт 0a778510-5f92-4c3a-bacc-9fc298c548cc

31 октомври, 2014

Гигантниот концертен проект „Метал ол старс“ доаѓа во Скопје

Офф-Таксират вечер со повеќе од два часа легендарен метал звук

Таксират“ во рамките на офф-програмата на шеснаесеттото издание на фестивалот ви го претставува  славниот концертен проект, вистинскиот хеви-метал спектакл насловен „Метал ол старс“ (METAL ALL STARS), кој ќе се одржи на 26 ноември во Скопје, во „Денсинг сала“ на Младинскиот културен центар.

Ова е единствена можност вистинските љубители на метал и рок’ен’рол музиката на едно место да видат многу легендарни музичари. За овој музички настан досега се потврдени гостувањата на великаните: Zakk Wylde (BLACK LABEL SOCIETY), JamesS LaBrie (DREAM THEATER), Geoff Tate (QUEENSRYCHE), Joey Belladonna (ANTHRAX), Cronos (VENOM), Chuck Billy (TESTAMENT), Dave Ellefson (MEGADETH), Ross The Boss (MANOWAR), Vinny Appice (BLACK SABBATH / DIO), Carmine Appice (VANILLA FUDGE / ROD STEWART), Rob „Blasko“ Nicholson (OZZY OSBOURNE), Gus G. (OZZY OSBOURNE) и Kobra Paige (KOBRA AND THE LOTUS)!

 

Вистинска реткост е вакви имиња да се здружат за заедничка турнеја и доколку дел од музичарите можеби веќе сте имале прилика да ги видите на бина, дефинитивно не смеете да пропуштите вакво големо случување. „Метал ол старс“ е всушност еден од најуспешните концертни проекти во хеви-метал светот. Со оглед на тоа дека вистинските ѕвезди на легендарните метал групи се заедно на една бина надополнета со одлична продукција, тие во повеќечасовниот спектакл ги восхитуваат фановите со многубројните хитови. Овој настан всушност е единствена и ретка пригода на едно место фановите да се сретнат со многуте идоли, да чујат како заедно со другите врвни музичари ги изведуваат своите хитови, но и уникатни обработки на песните од другите икони на метал музиката. Голем дел од овие музичари, фановите во Македонија никогаш немале можност да ги видат во живо, а на концертот во рамките на офф-Таксират програмата публиката ќе може буквално да чуе сè и сешто од метал музиката, додека пак посебен акцент ќе биде ставен на метал класиките и легендарните песни, иако ништо нема да пројде без изненадувања.

Творецот на целиот проект, Гејб Рид (Gabe Reed), објаснувајќи ги причините за проектирање на гигантот каков што е „Метал ол старс“, изјави дека отсекогаш сакал да види и чуе своевиден метал блокбастер концерт: „Како голем фан на метал музиката, токму ова е спектаклот кој секогаш посакував да го видам, а да станува збор за повеќе од два часа легендарен метал звук“!

Продажбата на влезниците ќе започне од 5 ноември (среда) преку продажната мрежа на МКтикетс. Во специјалната понуда по промотивна цена од 600 денари ќе бидат пуштени органичен број влезници кои ќе бидат достапни до 10 ноември (или до истекот на залихите). По истекот на промотивната понуда, стандардната цена на влезниците во претпродажба ќе биде 800 денари, додека влезниците на денот на концертот ќе чинат 1 000 денари.

Наскоро ќе бидат објавени и нови детали во врска со овој настан кој нè очекува во Скопје на 26 ноември, во „Денсинг сала“ во МКЦ.

Покрај „Метал ол старс“, во рамките на „Таксират“ 16 веќе е најавено и одржувањето на „ЛУЗЕР ФЕСТ“ (29 ноември, МКЦ), како и главната фестивалска вечер на „ТАКСИРАТ“ која ќе се одржи на 7 декември во „Метрополис Арена“, а за која досега се потврдени настапите на врвниот британски трип-хоп уметник „Трики“, холандскиот диџеј кој многумина го сметаат за вистински технички и музички гениј Сандер Ван Дорн, култната хрватска електро-поп група „Денис & Денис“, легендите на британскиот стрит-панк „Џи-би-ејч“ (GBH) и контроверзното, немилосрдно и најпопуларно српско хип-хоп трио „Бед копи“.

Атрактивната програма на шеснаесеттото издание на „ТАКСИРАТ“ фестивал е реализирана благодарение на поддршката од телекомуникацискиот оператор „Уан“.



Врати се горе ↑