Свет psycropped1

2 јануари, 2013

„Гангнам Стајл“ оди во пензија

Како што пишува блогот PopCrush, во случај да Ви здодеал синглот на годината, најгледаниот и со најмногу допаѓања видео клип на сите времиња и во изминатата 2012 година неизбежната песна „Гангнам Стајл“, не грижете се бидејќи и самиот изведувач Псај мисли дека е доста.

Сега веќе светски познатиот корејски рапер, пејач и продуцент песната ја изведе уште еднаш во Њу Јорк, на традиционалниот настан под името Dick Clark’s New Year’s Rockin’ Eve, а во изведбата му помогна и колегата MC Hammer, а за овој најголем феномен на 2012 година, во интервју за MTV News раперот рекол: „Да се биде дел и да се настапува на њујоршкиот Тајмс Свер за Нова година е доволно посебно само по себе – тоа е најголемата сцена на светот, плус денес е и мојот роденден (роден е на 31-ви декември, а во понеделникот наполна 35 години). Сè на сè, ова може да биде добар почеток за крајот на Гангнам Стајл. Мислам, дали постои подобар начин за сето ова да заврши? Ова е дефинитивно мојот најзначаен роденден до сега.“

Во врска со тоа зошто мисли дека е добро време за полека да престане со изведувањето на неговиот до сега најголем хит во кариерата, раперот вели: „Песната едноставно стана премногу популарна, па тогаш почнувате да се грижите и за нејзиниот ’животен век’ и колку тоа може да трае. Во моментов многу вредно работам на новиот сингл и не велам дека баш вечерва ќе завршам со изведувањето на Гангнам Стајл, имам уште многу покани за настапи. Сега одам во Париз, во февруари ќе бидам во Кина, а и понатаму имам обврски да го промовирам актуелниот сингл… Што се однесува на САД, морам да кажам дека веројатно тоа е тоа – Гангнам Стајл стана премногу популарна и јас морам да напишам нов сингл.“

Една од (можеби) последните изведби на познатиот „Гангнам Стајл“, барем во САД, погледнете ја на снимката од настанот Clark’s New Year’s Rockin’ Eve.

 

Извор: PopCrush

 



Врати се горе ↑