Аудио

30 јуни, 2019

Галоски со ремикс на новиот хит на Шон Мендез и Камила Кабејо

Неодамна објавениот дует на канадската ѕвезда Шон Мендез и кубанско-американската колешка Камила Кабејо си доби македонски ремикс. Станува збор за темата насловена „Señorita“која сега е преточена и низ музичката призма на еден од нашите најуспешни диџеи и продуценти – Александар Галоски, познат само како Галоски, и неговиот српски колега Песто.

Талентираниот тетовец е и еден од најзафатените македонски диџеи, со настапи и гостувања ширум целиот свет, а особено впечатлив беше настапот во Токио, каде што ја „збесна“ публиката. Освен што ја дели сцената и добива поддршка од имиња како што се Армин Ван Бјурен, Дејвид Гета, Афроџек и Хардвел, Галоски има потпишано и договори со нивните издавачки куќи, од кои најновиот е со „Спинин рекордс.

Во набиениот распоред за летово му е и настапот на црногорскиот фестивал „Си денс“, каде што ќе настапи како една од главните ѕвезди, а повторно ќе го видиме и слушнеме на домашниот „Охрид колинг“, кој ќе се одржува од 1 до 4 август на новата локација, во поранешната охридска касарна.

За сите следни настапи низ земјава можете да се информирате на неговата фан-страница на Фејсбук, а како звучи неговиот ремикс на „Señorita“, дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑