Македонија

11 јуни, 2019

Галоски на главната сцена на фестивалот „Си денс“ во Будва

Еден од најуспешните и најзафатени македонски диџеи и продуценти, Галоски ќе настапи на главната сцена на црногорскиот фестивал Си денс, кој е дел од семејството на „Егзит“. На плажата Буљарица во Будва, тој ќе ја дели сцената со имиња како што се „Дисајплс“, Дејвид Гета, Робин Шулц, Ловра, диџеј Вегс и дуото Вил и Веш.

„Посебно е чувството кога еден од најголемите музички фестивали во југоисточна Европа – ’Егзит’ – ќе те најави за престојното издание на фестивалот ’Си денс’“, напиша Галоски споделувајќи ја веста.

Посебно е чувството кога еден од најголемите музички фестивали во југоисточна Европа – EXIT FESTIVAL ќе те најави за…

Gepostet von Aleksandar Galoski am Dienstag, 11. Juni 2019

 

Како што споменавме, Галоски е еден од најзафатените и најбараните македонски диџеи, а само годинава на неговата агенда се најдоа настапи во Тајланд, Новешка, Албанија, додека допрва го очекуваат и гостувањата на „Си денс“ и домашниот „Охрид колинг“, кој ќе се одржува од 1 до 4 август.

Галоски постојано добива поддршка од своите славни колеги и нивните издавачки куќи, кои ги промовираат неговите дела, а најнов во низата е договорот со „Спинин рекордс“, холандската етикета што објавува дела на Боб Синклар, Хардвел, Фед ле Гранд, Бурак Јетер и многу други.

„Ми беше сон да потпишам издание за една од најголемите издавачки куќи во светот ’Спинин рекордс’. Посебна чест ми е да најавам дека сум дел од истата издавачка куќа“, рече Галоски.

Неговиот најнов сингл е ремиксот на хитот If I Can’t Have You“ од канадската ѕвезда Шон Мендез, а веќе се најавени и нови дела што треба да пристигнат наскоро.



Врати се горе ↑