Балкан

17 мај, 2018

„Галија“ го објави албумот „У рају изнад облака“

Легендарната група „Галија“ го објави својот нов албум насловен „У рају изнад облака“, на кој се сместени десет песни со изразено уметнички став, во кои стариот препознатлив прогресивен звук на бендот е оплеменет со современите светски продукциски решенија, а нивните пораки ги дополнува поезијата на неколку значајни српски поети.

Како и сите досегашни изданија во 40-годишното дискографско делување, „Галија“ новиот, 15. по ред студиски албум го објави за ПГП РТС, овој пат на цеде (и наскоро на дигиталните платформи), со поддршка од промотерската куќа „Лонг плеј“.

„’У рају изнад облака’ е бескомпромисен албум. Долго трагавме по песни кои заслужуваат да се најдат на него. Не бркавме хитови. Размислувавме како да направиме песна, а да ги поместиме нештата понатаму, да се искачиме скала повисоко. Нема смисла постојано да се свири истата музика. И мошне сум горд што успеавме тоа да го постигнеме, а истовремено и да го задржиме препознатливиот звук на ’Галија’“, вели фронтменот Ненад Милосављевиќ.

Фотографија на Galija.

Покрај седумте песни со стихови од самиот член на бендот, Предраг Пеце Милосављевиќ, Ненад Милосављевиќ ја компонираше музиката и на поезија од три значајни српски поети – „Кад би ти отишла из овога града“ од Матија Беќковиќ доби полесно, величенствено звучно руво, „Волео сам“ од Перо Зубац е спакувана како егзотичен електро-поп, додека приказна за себе е „Дон Рамиро“ од неправедно запоставениот Милорад Митровиќ (1867-1907).

Во нешто повеќе од осум минути, епскиот повеќеслоен „Дон Рамиро“, во најдобрата традиција на прогресивниот рок, со импресивна оркестрација и бројни промени на расположението, чувствата и ритмите, слушателот го води низ приказната за средовековната љубов и омраза, отпочната со трагедија и крв. „Песните од Матија и Пере се едноставно фантастични. Митровиќ и неговиот неоромантизам, за жал, се веќе одамна заборавени, а песната ’Дон Рамиро’ мене ми изгледаше свежо и како љубовна приказна од стар ков, и тоа како потребна во ова наше бесчуствително ново време“, објаснува Неша.

Според неговите зборови, Пеце Милосављевиќ „повеќе од успешно ја изврши неблагодарната задача да напише стихови кои имаат значење и тежина, а сето тоа заедно на албумот да има смисла со песните од Беќковиќ, Зубац и Митровиќ“.

 

Албумот го отвора „Нешто ме гони“, самоиронична, полетна исповед на еден од животните Маратонци кои „на крајот го трчаат почесниот круг“, која пред нешто повеќе од година дена беше и првиот најавен сингл на новиот албум. Насловната „У рају изнад облака“ неодамна доби необчна, визуелно раскошна екранизација, снимена во Исланд. Песната што духовно поаѓа од Босфор и Ерусалим зборува за чувството на човековата просторна и судбинска припадност „под истото Сонце, каде што сме сите заробени, во оној момент кога сме родени“. 

Пеце со гласот ја презема рокерски разиграната „Свира музика“, која дополнително ја разубавува саксофонот на гостинот Јован Маљоковиќ („Беше прашање на време кога ќе направиме нешто заедно, и овде се разбравме во две секунди“, Неша), а по полетниот дух и цврстината слична е на „Само се смеј“.

Ни остатокот од албумот на „Галија“ не престанува да изненадува, истражува и освојува нови звучни простори. „Таму каде што парите зборуваат, разумот само замолчува, а милион свеќи горат за сите нас“, пее Неша во забрзано егзоричната „Музици изгубљених душа“. Неговата усна хармоника ја краси атмосферичната „Предосеќам“, додека албумот го затвора смирувачката „Жив сам“.

„Овој албум е долго правен, пет години, од кои две во студио. Со брат ми го пишувавме фрлајќи, постојано преиспитувајќи се за да дојдеме до овој резултат. Не ни беше целта да се водиме од вкусовите (на публиката), туку да направиме албум кој нам ни се допаѓа“, истакнува Неша.

Крајниот печат на „У рају изнад облака“ му го даде ценетиот продуцент и аранжер Саша Хабиќ, кој со „Галија“ веќе соработувал на албумите „Корак до слободе“ (1989) и „Караван“ (1994).

„Мислам дека ова е негово ремек-дело. Одлучивме албумот да го снимиме во домашни услови, 99% е работен кај мене и во ателјето на Хаба. Вистинска мајсторија е како човек во домашни услови може да направи толку сериозна продукција. Хаба сака на шега на каже: ’Се слушаат пижамите на овој албум’. Тој вид на креативна опуштеност“, додава Неша.

На албумот „У рају изнад облака“ гитарите ги свиреа Драгутин Јаковљевиќ, Иван Киза Зорановиќ и Небојша Зулфикарпашиќ, клавијатурите Саша Хабиќ, додека во насловната песна се слуша хорот на Лилјана Ранѓеловиќ, снимен во белградското „Студио О“. Снимател на албумот е Лука Милосављевиќ, а дизајнот на обвивката е на Душан Мајкиќ, додека фотографијата ја направи Драгослав Улиќ-Даг. Модел е Мина Томиќ.



Врати се горе ↑