Македонија 10262225_539654539472108_1293246543888548016_n

11 јуни, 2014

„Фулиш грин“ го објавуваат новиот сингл „12“

„Twelve“ е новиот сингл на групата „Фулиш грин кој својата премиера ќе ја доживее на 12 јуни во 12 минути до 12 часот на брановите на Антена 5 радио. Истиот ден, точно во 12 часот песната ќе биде поставена и на официјалниот youtube и soundcloud канал на бендот. По издавањето на извонредниот деби албум „Escape“ од минатата година, „Фулиш грин“ со овој сингл го најавува новиот материјал планиран да се појави во почетокот на 2015 година.

Суштинска порака и музичка опомена до авторитетните органи на општеството, до власта и мизантропијата во пирамидалниот систем“ – тоа е „12“ со зборовите на Фулиш Грин. „Да, ’Тие’ кои го обесија човекот на земјата, го оковаа во пранги на ропство, инфициран од сеопштото лудило. ’Тие’ кои го оставија да преживува, а не да живее! ’Тие’ кои му го одзедоа правото да верува и ’правото да биде во право’. ’Тие’ кои горчеливо ја исцедија неговата старост. Вирусот во живото граѓанско ткиво кој доведува до сè поголем хаос мора полека и свесно да го лекуваме. Ѕверот е веќе испуштен од контрола, саатот критично отчукува, а казната допрва доаѓа. Вратите се отворени, пречките сe поголеми. Во ’нивниот’ слух нема мелодија, туку викотници и галама на неслушнатите. Вејте го знамето на љубовта, таа нè одржува во живот. Затоа што веќе не сте безбедни, како дванаесетте мајмуни!
Тие живеат, но ние не спиеме повеќе!
This system needs to restart
!“
– продолжуваат „Фулиш грин“…

Новата песна сместена во жанрот психоделичен поп е напишана, снимена и продуцирана од Ненад Стефаноски, тапаните се снимени од Гоце Трпков (диџеј Гоце САФ/Бутлегз Бејзмент Лаб), а миксот и мастерингот ги направи Дарко Спасовски – Пацки. Концептот за обвивката и дизајнот ги потпишува Мики Стефановски.

Додека го очекуваме новиот сингл, во продолжение уживајте со нивната преработка на темата „А Taste Of Honey“ која настана за време на снмањето на новиот сингл. Оваа песна датира од 1958 година, а во текот на времето свои верзии претставиле бројни музичари како што се „Битлси“, Тони Бенет, Лена Хорн, Дајана Рос, Енди Вилијамс, Барбра Стрејсенд, „Темптејшнс“ и многу други. Како звучи оваа тема изведена од „Фулиш грин“ можете да слушнете во продолжение.



Врати се горе ↑