Балкан article_big_1382698686Frenkie_-_Best_Adria_Act

25 октомври, 2013

Френки е победник во категоријата МТV Best Adria Act

Овогодинешниот добитник на наградата Best Adria Act е раперот Френки од Босна и Херцеговина. Познатиот рапер доби најголем број гласови во изминатите шест недели на страната mtvema.comво конкуренција со српските состави С.А.Р.С и Сви на под!, хрватскиот кантавтор Филип Диздар и пејачката Катја Шулц од Словенија. Френки сега ќе ја продолжи својата борба со победниците од другите региони на Европа, а еден од нив ќе ја добие наградата Worldwide Act на претстојните Европски Музички Награди на MTV кои ќе се одржат на 10-ти ноември во Амстердам, а директниот пренос од арената Ziggo Dome ќе започне во 21 часот.

„Што друго да кажам освен БЛАГОДАРАМ! Им благодарам на сите мои колеги кои ме поддржаа, а особено на мојата драга публика од Македонија, преку Србија, Хрватска, Словенија и се разбира Босна и Херцеговина. Без Вас ова не би било возможно и ова е наша победа! Амстердам, еве сме!“ – изјавил воодушевениот рапер за оваа победа.

Од денеска Френки ќе се бори против другите победници од Источна Европа за можноста да биде еден од десетте финалисти за категоријата Worldwide Act, категорија која ја слави разноликоста на музиката на MTV, промовирајќи извонредни изведувачи од целиот свет. Почнувајќи од денеска, 25-ти октомври, па сè до четврток, 31-ви октомври, фановите ќе можат да гласаат за својот омилен регионален изведувач на адресата mtvema.com. Претставникот од Источна Европа ќе биде прогласен на 1-ви ноември, заедно со другите регионални победници од Северна, Средна и Јужна Европа, југоисточна Азија/континентална Кина/Хонг Конг/Тајван, Јапонија/Кореја, Австралија/Нов Зеланд, Јужна Америка, Северна Америка и Африка/Индија/Блискиот исток. Потоа номинираните изведувачи, претставници на овие десет региони, ќе се борат за гласовите во категоријата Worldwide Act, а победникот ќе биде прогласен на свеченото доделување во Амстердам.

Оваа година 186 најатрактивни музички изведувачи од сите краишта на светот се натпреваруваа за наградата на локален победник, а сите овие изведувачи од најразлични жанрови, од повеќе од 150 градови и 50 држави, беа номинирани како дел од MTV EMA Worldwide Act процесот.

„Категоријата Worldwide Act е јасен пример за еволуцијата на MTV EMA од европски фокусирана манифестација до светски избор на најактуелната музика на светот. Тоа е начин да ги вклучиме фановите од сите страни на светот, да се слушне нивниот глас, бидејќи тие имаат важно влијание врз правецот кон кој се движат овие доделувања.“ – изјавил Брус Гилмер, извршен потпретседател на одделението Talent and Music Programming/Events во компанијата Viacom International Media Networks, додавајќи: „MTV EMA ги носи најголемите и најдобрите меѓународни суперѕвезди и се радуваме што годинава сиот тој талент ќе го прославиме во Амстердам.“

Од имињата на изведувачите кои ќе настапат годинава за сега се познати Робин Тик, Снуп Дог, Афроџек, Имеџин Дрегонс, Мајли Сајрус, Кејти Пери и Д Килерс, додека MC на вечерта ќе биде Редфу од дуото LMFAO, водителка во бекстејџот ќе биде Ариана Гранде, а договорено е и појавувањето на Рон Бургунди од филмот „Anchorman 2“, чија улога ја игра Вил Ферел.

Гласањето за ЕМА категориите е отворено до 23:59 часот во петок, 8-ми ноември.

 

Кој е Френки?

Аднан Хамидовиќ, попознат како Френки е босанско-херцеговински рапер роден во Бијељина на 31-ви мај 1983 година. Десет години подоцна, во 1992 година, Френки со неговото семејство се сели во Германија, кадешто живеел до 1998 година. Првите чекори во хип-хоп музиката ги направил токму во Германија, кадешто се запознал со оваа култура и не изненадува фактот што Френки токму тогаш почнал да црта графити и да ги пишува своите први рап текстови. Овој музичар често истакнува дека токму германскиот хип-хоп доста влијаел на неговиот стил на рапување, а сè уште му е голема инспирација и денес. По враќањето во БиХ, графити културата продолжува да ја промовира во Тузла.

Заедно со останатите популарни рапери од БиХ во тоа време, Едо Маајка, Миро, диџеј Емир, Ерол и други, Френки го основал бендот Дисциплинска комисија. Во меѓувреме Едо Маајка станал нова хип-хоп ѕвезда, а на своите концерти одлучил да го промовира Френки како свој бек-ап MC. Публиката набрзо одлучила да го слави Френки поради неговата енергичност и брзина, па овој музичар одлучил да сними и некои соло проекти. Во 2005 година, Френки го објавил својот прв студиски албум „Одличан ЦД“, по кој следуваа „ДОСТА!“ (2006), „Поврарак Цигана“ (2007), „Протуотров“ (2009) и „Тројанац“ (2012).

Наградите како што се Даворин за најдобра вокална соработка за песната „Хајмо их рушит“ со Едо Маајка и Златна Кугла за најдобар нов изведувач во 2005 година, беа показател дека не станува збор само за уште еден рапер во низата, а актуелниот албум „Тројанац“ на Френки му донесе нова публика, која сè повеќе го следи на концертите во регионот.

Оваа беше и прва Best Adria Act номинација за Френки. Во продолжение погледнете го видео записот за темата „Napaćeni Bošnjo“.

 

Извор и фото: mtv.rs



Врати се горе ↑