Македонија 11217967_1688191651393248_6725647623499728790_n

24 ноември, 2015

„Фрази љубовни“ на Тамара и ДНК е апсолутен радиски хит за 2015 година

Вечерва во Македонската опера и балет се одржа осмото по ред издание на Македонскиот радиски фестивал „МАРС 2015“, во чии рамки беа наградени изведувачите на најслушаните радиски хитови за годинава. Она што е интересно за овој фестивал е тоа што нема губитници, односно секој од финалистите беше награден во по една или повеќе од десетината категории.

Првата доделена награда во категоријата ѕвезда што се раѓа отиде во рацете на Теа, чиј хит Доста глумиме беше еден од највртените во македонскиот радиски етер, а најдобрата преработка на песна ја направи дуото „Некст тајм“ на тематаЈа излези Ѓурѓо“. Најслушаниот ар-ен-би и рап хит е песната Амор од Тајзи, а сопственик на најслушаниот поп хит Како тебе нема друга го има Влатко Лозаноски – Лозано.

 

Нашата евровизиска претставничка за 2016 година, Калопи, го има најслушаниот рок хит Мојот дом, а победниците на годинешниот „Скопски фестивал 2015“, групата „Ај кју“ се закити со наградата за најслушан хит отпеан од група за песната Колку пати. Александар Тарабунов, пак, за својот летен хит Сакам, не сакам ја освои наградата за хит отпеан од машки вокал.

Темата Доживотно на Елена Ристеска годинава се закити со дури три награди и тоа: хит отпеан од женски вокал, најслушана балада и најдобар текст – награда во вредност од 10.000 денари, која традиционално ја одбираат естрадните новинари од дневните весници, естрадните магазини и интернет портали во Македонија. Пејачката неодамна најави дека „Доживотно“ наскоро ќе добие и свое видео издание.

 

Нашиот годинешен евровизиски претставник и добитник на наградата за најдобар изведувач од Балканот на Европските музички награди на Ем-ти-ви, Даниел Кајмакоски освои две награди за песната 10 лета, која беше прогласена за радиски хит од страна на публиката и најслушана песна од македонски изведувач во регионот. Наградата од публиката на Кајмакоски му донесе и 30.000 денари и можност бесплатно да ја користи салата на КЦ „Александар Македонски“ за свој солистички концерт.

Со две награди се закити пејачката која в петок, 27 ноември, ќе го одржи својот прв солистички концерт и која минатата година го имаше апсолутниот радиски хит „Тажна љубов, среќна песна. Тамара Тодевска и ДНК за песната „Фрази љубовни“ ги добија наградите партнерство за хит и апсолутен радиски хит за 2015 година, со што освоија 60.000 денари и можност за бесплатно користење на салата на КЦ „Александар Македонски“ за свој солистички концерт.

 

 

Легендарниот Мики Јовановски Џафер е годинешниот добитник на наградата за трајни вредности. Како изненадување за публиката, заедно со него на сцената се појави и авторот на неговиот евергрин „Сонце за три светови“, Винко Мишковски, кој допатува од Австрија специјално за оваа пригода.

Откако беа доделени наградите на македонските изведувачи, на ред дојдоа и ѕвездите од регионот. Признанијата за музичка и медиумска популарност годинава отидоа во рацете на српската пејачка Јелена Томашевиќ и босанската легенда Хари Варешановиќ. Томашевиќ откри дека оваа награда и е особено драга затоа што е прва награда од Македонија, а потоа отпеа две песни од нејзиниот неодамна објавен албум „Име моје“, за којшто во голема мера соработуваше со композиторот Дарко Димитров.

„МАРС 2015 за зедницата“ е традиционалниот хуманитарен аспект на Македонскиот радиски фестивал МАРС, кој и годинава и покрај лимитираниот број на места и малиот капацитет на салата, ќе им даде свој скромен придонес на оние на кои тоа им е најпотребно со одвојување на дел од средствата собрани од приходот од влезните билети кои и овој пат ќе бидат  донирани.

И.Ј.



Врати се горе ↑