За Вас 487841420_640 (1)

8 јуни, 2015

Францускиот филм „Човекот од островот Сендвич“ со најмногу гласови на „Тинтири Минтири Филм Фест“

Францускиот филм „Човекот од островот Сендвич“ (26’) од авторот Левон Минасиан освои најмногу гласови од детската публика на првото издание на меѓународниот детски филмски фестивал „Тинтири Минтири Филм Фест“ кој под мотото „Филмови на големото срце“ се одржа од 5 до 7 јуни во Кинотека на Македонија. Во борбата за официјалната награда влегоа 10 краткометражни филмови за деца од цел свет. Голем интерес кај публиката разбудија 8-те кратки играни филмови изработени од деца членови на ДКЦ „Тинтири Минтири“ кои три дена по ред беа прикажувани во Кинотеката на Македонија. Во рамките на фестивалот се одржа и работилница за анимирани ликови чиј ментор беше Крсте Господиновски, професор по анимација на ЕСРА.

„Задоволен сум од одзивот, но пред сè од реакциите на пубиката. Нашата публика е најискрената, децата секогаш отворено си го кажуваат мислењето. А тие дадоа највисоки оцени за македонската програма. Со децата членови во центарот работевме буквално на сите аспекти од филмот, почнувајќи од развој на идеја, преку синопсис, сценослед, сценарио, поделба на улоги, глума, режија, камера, тон, монтажа итн. И еве го производот – 40-тина минути филмска програма создадена од деца и наменета за деца. А задоволството е уште поголемо затоа што вакво нешто за прв пат се случува во Македонија“, вели м-р Кузман Кузмановски, раководител на центарот „Тинтири Минтири“ и директор на фестивалот.

Во план е во втората фаза, програмата да биде прикажана низ повеќе градови во Република Македонија, со цел што повеќе деца да можат да ги видат филмовите. Поради големиот интерес на децата, ДКЦ „Тинтири Минтири“ ќе се обиде да отвори свои клонови низ државата.

„Како дел од летните активности организираме и летен филмски камп на тема  -Потрага по загубеното богатство- кој ќе се реализира од 26 јуни до 1 јули на Китка. Кампот е работен и на него ќе се снима филм за деца кој ќе има јавна премиера во некоја од кино-салите.“, вели Кузмановски.

На фестивалот беше објавен и конкурс за најдобро сценарио напишано од деца на возраст од 6 до 14 години, а наградата за најдоброто сценарио ќе биде снимање на филм според истото. Сценариото треба да е со должина најмногу до 10 страници А4 формат, напишано со големина на фонт 12. Сценаријата треба да се испратат на е-маил адресата: kc.tintirimintiri@gmail.com и на адресата: „В. Мачуковски“ 17 1/1 1000 Скопје. Рокот е 1 август.

Повеќе информации за уписите и тековните часови, како и програмата можете да добиете на контакт телефоните 078 44 75 27, 078 301 551 и 078 30 21 61 или на адресата kc.tintirimintiri@gmail.com и веб-сајт tintirimintiri.mk.



Врати се горе ↑