Концерт Foto by Sever Zolak 1

27 јануари, 2016

„Фрајлите“ специјални гости на концертот на Жељко Бебек во Скопје

Популарната српска група „Фрајле“ ќе биде специјален гостин на концертот на Жељко Бебек со симфониски и тамбурашки оркестар, соопштија од „Авалон продукција“. Со огромната посетеност на нивниот официјален канал на Јутјуб, „Фрајлите“ ги поместија границите не само на нивните кавер свирки, туку и на музичката сцена на нашите простори. Освен по извонредната интерпретација, овие дами се познати и по својот кабаретски изглед со уникатна костимографија, кои ги истакнуваат и изразуваат нивниот вкус и индивидуалност.

Бендот кој е основан во 2009 година, го сочинуваат четирите дами Марија Мирковиќ, Наташа Михајловиќ, Невена и Јелена Буча. Со формирањето на групата, овие новосадски музичарки одлучуваат да ги здружат своите сили и талент и за помалку од една година доживуваат неверојатен успех.

Од нивниот прв носач на звук насловен „Наш први албум с путовања“, кој имаше одличен одзив и критики, посебно се издвојуваат сингловите: „Ich liebe dich“, „Штиклице“ и „Фина“, со кои буквално го освоија регионот, а потоа следат и албумите „А   страна љубави“ и „Б страна љубави“.

Настапите на „Фрајлите“ се возбудливи како за клупската, така и за концертната публика. Досега соработувале со повеќе музичари од регионот, вклучувајќи ги: Грамофонџије, Владо Георгиев, Оливер Драгојевиќ, Нина Бадриќ, Александра Радовиќ, Зоран Симјановиќ, Тијана Дапчевиќ и др.

Минатата година „Фрајлите“  ја завршија со спектакуларни концерти во Белград и во Нови Сад.

 



Врати се горе ↑