Балкан frajle

19 октомври, 2013

Фрајлите најавија нов видео запис

Српскиот квартет Фрајли составен од Марија, Наташа, Јелена и Невена, кои се познати по своите внимателно подготвени настапи со атрактивни костими, најавија нов видео запис кој премиерно ќе биде претставен во понеделник на регионалниот музички канал MTV Adria. Станува збор за темата „Паре воле ме“, која се најде на нивниот деби албум „Наш прв албум са путовања“, односно за ремикс верзијата која ја направи познатиот српски диџеј Марко Миличевиќ, познат како Грамофонџие.

Имено, новата верзија на оваа песна беше промовирана на српскиот Радиски фестивал кој се одржа кон крајот на минатиот месец, а видео записот Фрајлите се појавуваат на бина, кајшто во текот на музичкиот настап фасцинираат со своите добро извежбани и вешти илузионистички трикови и успешни методи на одвлекување на вниманието на публиката: „Целта ми беше да направам видео запис сместен во одреден период, но без премногу клише детали кои можби сите ги очекуваат. Разговаравме за влијанијата на визуелното и на темата, па така едно од влијанијата беше и филмот „Балкан Експрес“ во кој се зборува за група на криминалци кои крадат од луѓето маскирани во бенд“ – објаснува режисерот на видео записот, Филип Филковиќ, кој го режираше и претходното видео за темата „Фина“. Како ќе изгледа сето тоа можете да видите од краткиот промотивен клип во продолжение.

 

Овој акустичен квартет е основан во 2009 година, а покрај оригиналниот материјал, често прави и преработки на хитови како што се „Либар“ од Џибони и „Недостајеш ми ти“ од Оливер Драгојевиќ, како и на нашата добро позната „Чукни во дрво“ од Леб и сол, којашто ја отпеаја и во живо на овогодинешната манифестација „Златна бубамара на популарноста“, која се одржа во февруари годинава. Додека го очекуваме новиот видео запис, во продолжение уживајте со одличната преработка на „Чукни во дрво“.

 



Врати се горе ↑