Македонија Foolish Green

8 мај, 2013

„Фулиш грин“ со издание за „EXIT label‏“

„Escape“, деби албумот на „Фулиш грин“ (Foolish Green), доби и свое електронско издание за “EXIT label”, што воедно претставува и првото македонско издание за онлајн етикетата на славниот Exit фестивал.„Exit label“ стекна високо реноме во регионот како онлајн етикета намената за претставување на најинтересните музичари во регионов чии изданија се претставувани на Exitmusic.rs, и чија музика преку овие изданија ќе може бесплатно да се симнува. Досега „Exit label“ ги претстави албумите на бројни музички имиња во регионот, чии изданија се преземени преку 50 илjaди пати, а сега кон оваа листа се приклучува и „Фулиш грин“ со едно од ретките психоделик поп / рок’н’рол изданија на нашите простори, достапно за бесплатно преземање на овој линк.

Албумот „Escape“ во hard copy верзија беше објавен под етикетата на Password Production, на 1-ви март годинава, по што групата одржа и две концерти промоции во арт-киното „Фросина“ во Скопје, кои беа целосно распродадени. Нивното прво лонг-плеј остварување со самото појавување ги собира одличните оценки на рецензиите и од музичките медиуми во регионот, кои за „Фулиш грин“ рекоа: „Она што се Палма Вајлетс на почетокот од годината на странската сцена, тоа со сигурност би можеле да бидат ’Фулиш грин’ на регионалната сцена (…). Да доаѓаат од Британија, сигурно би биле ‘најдобриот бенд на светот“. (музика.хр)

Со „Escape“ бендот претставува 12 свои композиции кои се снимени во домашно студио, со мастеринг на Дарко Спасовски – Пацки, додека зад музиката се потпишува Ненад Стефановски – Брус, а концептот за обвивката на албумот и дизајнот се на Мики Стефановски. Албумот сега е достапен за бесплатно преземање во електронско издание на овој линк, hard copy изданието можете да го купите во „Југотон“ (ГТЦ, прв кат, Скопје), а наскоро ќе имаме прилика и да уживаме во ова одлично издание во живо, за време на настапот на „Фулиш грин“ во рамките на Aqua Park Fest, кој ќе се одржи на 24 и 25 мај во Пробиштип.



Врати се горе ↑