Македонија 30da4j9

1 февруари, 2013

„Фулиш грин“ го најавува деби албумот

Откако во јуни изминатата година го објави ЕП-изданието „Sun is Gone“„Фулиш грин“ стана име кое ветува здрава свежина на домашната сцена и бенд со музичка зрелост која префинетата музичка јавност ја прифаќа со целосно одобрување. Потврда за нивната музичка заводливост беше и одличниот концерт во преполната сала на „Дом на АРМ“ за време на „ПИН“ музичката конференција во ноември 2012, а она што допрва следува од овој млад алтернативен состав е објавувањето на нивниот прв лонг-плеј албум, кој го очекуваме кон крајот на февруари 2013.
Во декември 2012 бендот го претстави новогодишниот сингл „Лајка“, кој е достапен за бесплатно симнување, како прв дел од надоаѓачкиот албум насловен Escape.
Ова ќе биде првиот лонг-плеј албум на групата, но и едно од ретките изданија од ваков тип на музички правци на нашите простори, на кој ќе бидат претставени вкупно 12 композиции. Деби албумот, кој ќе биде објавен за издавачката куќа „Пасворд Продакшн“, е снимен во домашно студио, со мастеринг на Дарко Спасовски – Пацки, додека зад музиката се потпишува Ненад Стефановски – Брус.
Како дел од подготовките за албумот, неодамна беа објавени и промо фотографиите на бендот во изработка на фотографот Кристијан Теодоров, а по објавувањето на албумот „Escape“, Фулиш Грин најавуваат и концертна промоција.

Музиката и тимот на „Фулиш грин“ израсна врз основа на интуитивно-спонтано-емпиристичкото внатрешно чувство проследено со акустични инструменти со неколку доверливи аналогни ефекти и еден недоверлив компјутер. „Foolish Green“ е проект зад кој стои Ненад Стефановски (вокал, гитара, продукција), алтернативен музичар од Скопје, познат по својата работа како продуцент на Green Out, Легијата, Против сите… Од самиот почеток, кон креативната идеја „Escape“ во наплив се придружија и артистите кои примарно придонесоа со својот емпиристички пристап: Нико Гаврилов (гитара, металофон), Давор Стојановски (гитара), Стефан Пехчевски (клавијатури), Теодор Бошков (бас гитара) и Стефан Дамјаноски (тапани).

 



Врати се горе ↑