Настани

22 јуни, 2016

„Фолтин“ со славенички настап на „Д фестивал“

„Москито стејџ“ ги претставува настапите на „Фонија“, „Паркети“, „Лајтмотиф“, „Ред степ“ и Марко Грејхаунд 

Со посебен повод и тоа прославувајќи ја 20-годишнината од своето постоење, една од најуникатните групи во современата музичка историја на Македонија – ФОЛТИН“ се приклучува во листата изведувачи кои ќе настапат на главната бина на „Д ФЕСТИВАЛ“! Со овој славенички концерт на псевдо-емигрантското кабаре, како што „Фолтин“ се опишуваат себеси, Дојран ова лето ќе одекне во нивниот специфичен музички израз, старастен, духовит и со жешка танцувачка атмосфера. Групата која постои од 1997 година, зад себе има седум самостојни албуми, музика за преку дваесет театарски претстави, многу награди и бројни настапи во Македонија, регионот, Европа, па и Блискиот Исток. Сето тоа е само дел од остварувањата кои го потврдуваат реномето кое го ужива овој состав, а кое пак нам ни гарантира настап кој ќе го одбележи шестото издание на музичкиот маратон „Д фестивал“.

„Фолтин“ на главната бина на „Д фестивал“ ќе настапи покрај веќе потврдените изведувачи ГолдиТој долс“, „Даб пистолс“, „Чиста околина“ и „Бернајс пропаганда, „Дубиоза колектив“, „Обојени програм“, „Лолобриџида“ и „Хипнотајзд“.

 

Со тридневна програма, плејада гости и учесници, камп и плажа на прекрасното дојранско крајбрежје, ова издание на „Д фестивал“ повторно претендира да биде највозбудливото доживување ова лето! Само во музичката програма на „Д фестивал“ доаѓаат повеќе од 40 изведувачи кои од 15 до 17 јули ќе настапат на повеќе фестивалски бини. Втората по големина, Москито стејџ веќе ги најави настапите на „Проџект Орфеус“, „Милко“, „Самостални референти“, „Палиндром“, „Кепурдат“, „Ана О“, „Метаноја“ и „ПаприкаПаприка“, а кон оваа листа на изведувачи се приклучуваат уште и американско-српско-британскиот состав „РЕД СТЕП“ (The Red Step), како и македонските „ФОНИЈА“, „ПАРКЕТИ“, „ЛАЈТМОТИФ“ (Leitmotif) и МАРКО ГРЕЈХАУНД (Marko Greyhound).

Ако сакате да дознаете како Белград влијаеше на музички план врз Тобијас Нетениел (The Black Heart Procession), еден од столбовите на култната „Тач енд гоу рекордс“ (Touch & Go Records), слушнете и видете ги „Ред степ“, формирани во Белград со учество на локалните легенди. Англоамерикански вокал, гитара и виолончело во спрега со балкански тапани, бас и клавијатури. Со оглед дека Нетениел успеа малку да го забрза темпото во однос на своите композиции со „Блек харт просешн“ (The Black Heart Procession), очекувајте нешто подинамичен звук со препознатливите акорди, зачинети со она што е мрачно во пустините на Калифорнија и сивилото на Белград. Побрзо, но не и помалку суптилно.

Панк рок триото ФОНИЈА“ со своите опасно мелодични песни во изминатите 9 години успеа да издаде 5 албуми и да регрутира завидна фан база во Македонија и Балканот. Личната политика е нивната политика, а брзата меланхолична мелодија – нивниот трејдмарк. Секогаш стегнати во живите настапи и водејќи се од идејата дека добрите бендови се чекираат на нивните концерти, Фонија со нетрпение го чекаат секој свој следен настап!

 

На 8 септември 1991 година, Република Македонија стекна независност, а битолскиот бенд ПАРКЕТИ“ го започна своето необично патешествие, црпејќи инспирација од чистиот рокенрол од 50-тите и 60-тите, преку рокабили, мод и њујоршката CBGB сцена од 70-тите. Со изобилство музички материјал (имаат седум албуми и голем број синглови во својата дискографија), како и со својата инвентивност и индвивидуален пристап во третманот на историјата на рокенролот, Паркети се секогаш интересни и возбудливи во живо, за што сведочат нивните настапи на фестивалите:  „Таксират“, „Аларм“, „Скопје гори“, „Бајк фестивал“, „Пис анлимитед“ (Peace Unlimited) и многу други.

„ЛАЈТМОТИФ“ e бенд од Скопје оформен во летото 2013 година. Истата година го издаваат своето прво издание насловено „Luminescence“. Од тогаш па наваму бендот остварува бројни настапи со странски и домашни изведувачи при што прогресира во својот звук. Во октомври 2015 година, заедно со кумановскиот пост-рок бенд „Кара“ (Khara) издаваат сплит EP под етикетата на „Кран“ (KRAN) и „Динај“ (DENY) на кое што се наоѓа „The Aftemath“, предвесникот за звукот на албумот којшто е во подготовка.

 

На „Москито стејџ“ на „Д фестивал“ оваа година ќе се пратстави и домашниот кантавтор Марко Крстевски а.к.а МАРКО ГРЕЈХАУНД, кој под влијание на направи сам/a етиката и фолк-панк музиката реши да ја земе својата гитара и искрено да стои зад секој кажан збор.

 

„Д фестивал“ ќе се одржи од 15 до 17 јули во Дојран. Во моментов актуелна е и продажбата на најповолните т.е. earlybird влезници за „Д фестивал“, кои се достапни само во ограничен број. Сите информации за влезниците се достапни на овој линк.



Врати се горе ↑