Македонија

9 февруари, 2018

Фолк-фестивалот „Валандово“ повторно во мај

Новото издание на фолк-фестивалот „Валандово“ ќе се одржи на 24 и 25 мај годинава, соопшти градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов на денешната прес-конференција.

„’Фолк-фест Валандово’ опстојува повеќе од три децении и претставува еден од најзначајните фестивали за фолк-музика на Балканскиот полуостров. Почетоците на фестивалот се од 1985 година. Досега на фестивалот имаат настапено најголемите македонски и балкански звезди од фолк музиката, а исто така се имаат испеано и најголемиот дел од македонските фолк хитови“, рече градоначалникот Костадинов.

Поради вредносното значење на „Фолк-фест Валандово“, за македонската култура, како и поради неговото долгогодишно обезличување, одлучено е оваа година да се формира програмски совет кој ќе раководи со фестивалот и кој ќе биде составен од врвни професионалци од музичката фела. Членови на Советот се професорот Живојин Глишиќ, пејачот Ефто Пупиновски, композиторот Методија Антовски и културниот работник Ѓоко Павлов.

Конкурсот за новокомпонирани композиции е продолжен денес и ќе биде отворен до 28 февруари. Медиумски партнер на фестивалот како и досега ќе биде МРТВ.

Извор и фотографија: Курир



Врати се горе ↑