Аудио

9 април, 2019

„Флукс“ го објавија третиот албум „Сè околу нас“

Изминатиов викенд, на 7 април во кафулето „Браво“ се одржа слушачка промоција на третиот албум на легендарната панк-рок група „Флукс“, која се смета за еден од најавтентичните и оригинални панк-рок бендови на овие простори, со исклучително големо влијание врз андерграунд-културата, не само во Скопје туку и пошироко.

Станува збор за изданието насловено „Сè околу нас“, објавено за етикетата „Балкан Велики“, кое содржи вкупно девет песни. Снимањето се одвиваше во студиото „10-60“ кај Дени Крстев, во периодот од средината на декември до средината на јануари. Снимател на албумот беше Ален Хаџи-Стефанов, миксот го направи Ненад Трифуновски, а во реализацијата учествуваа Ѓорѓи Јаневски, Александар Сандревски и Горан Аргироски. 

„Флукс“, кои постојат од 1994 година, на овој албум се во следниот состав: Марко Пановски – вокал, Недан Пановски – гитара, Мишко Чунихин – гитара/вокал, Влатко Чачоровски – бас и Данко Хаџи Илиев – тапани.

Како што споменавме, „Сè околу нас“ е трет студиски албум за бендот, а доаѓа по првенчето „Флукс“ (2004) и „Стааро аро“ (2010), како и по првиот албум во живо „Во живо на канал 103“, снимен на 14 март 2010 година во емисијата „Ако никој не свири“.

Se rushi se okolu nas….stay tuned!

Gepostet von Флукс am Sonntag, 31. März 2019

 

Бендот најави и видео за насловната тема од албумот, а сите песни се веќе достапни и за преслушување на Бендкемп и на Јутјуб. Во неодамнешно гостување во „Утринска алтернатива на „Телма“, музичарите открија дека во план е славенички концерт по повод 25 години постоење, кој би требало да се одржи на 25 октомври во МКЦ, а повеќе детали ќе бидат соопштени наскоро.

 


Врати се горе ↑