Видео 12065948_1078741902150295_6211369274691636351_n

8 ноември, 2015

Флер Ист од британскиот „Х фактор“ дебитира со потенцијалниот мегахит „Sax“

Второпласираната финалистка на минатогодишниот британски „Х фактор“, Флер Ист (Fleur East) цела година вредно работеше на својот прв албум, кој ќе го издаде под закрила на нејзиниот ментор од натпреварот, Сајмон Кауел. Со своите трансформации и изведби на најразлични музички жанрови, очигледниот напредок, како и танцувачките способности, пејачката со секој нареден настап ја воодушевуваше и изненадуваше целата публика за време на натпреварот, а интересно е тоа што нејзината изведба на хитот „Uptown Funk“ од Марк Ронсон и Бруно Марс го достигна врвот на британската Ајтјунс листа, па иако закажан за неколку недели подоцна, Ронсон го искористи вниманието и веднаш го објави овој сингл, кој секако дека дебитираше на првото место на британската сингл листа.

Токму во стилот на популарниот хит е и првиот сингл на Флер насловен „Sax“. Песната беше најавувана веќе долго време, а во петокот конечно беше објавена на сервисите Ајтјунс, Спотифај, Амазон и други, меѓутоа сè уште не е објавена на ниту една платформа достапна за нас во Македонија. Како и да е, додека ја очекуваме официјалната аудио снимка, а се надеваме и интересен видео запис, песната можете да ја слушнете од премиерната изведба во живо, во рамките на тековната сезона на британскиот „Х фактор“. Уживајте!

 

„Sax“ ќе се најде на албумот „Love, Sax and Flashbacks“, закажан за 4 декември годинава. Изданието ќе содржи 12 песни, меѓу кои и нејзината верзија на „Uptown Funk“, а како гости во песната насловена „Kitchen“ се наведени легендарните „Џексон 5“. 

И.Ј.

 



Врати се горе ↑