Балкан x-factor-ilma

6 март, 2014

Финалето на X Factor без Илма

Во вторникот, 4-ти март, се одржа осмата и последна финална вечер пред големото супер финале на првиот регионален X Factor, закажано за 23-ти март во белградската „Комбанк“ арена. Тема на вечерта беше „Песни од менторите“, така што преостанатите 6 натпреварувачи настапија со песни од Жељко, Емина, Кики и Кристина, а на крајот од вечерта натпреварот го напушти еден натпреварувач. Иако сосема неочекувано, според гласовите на публиката со двобој се соочија босанските кандидати Маид Хеќимовиќ и Илма Карахмет. По изведбата на песните за спас, жирито гласаше во корист на Маид, така што дома си замина најмладата учесничка – 14-годишната Илма.

Оваа одлука на жирито предизвика низа скандали и негодувања, како од верната публика на Илма, така и од неа и нејзиното семејство. Иако таа на сцена изгледаше дека мирно го прифати овој пораз, бројни српски медиуми пренесуваат дека позади сцената се случувала вистинска драма која продолжи и на социјалните мрежи. Како и да е, сите сме сведоци дека нејзиниот талент е огромен, па нејзиното време допрва ќе дојде.

Што се однесува на останатите натпреварувачи кои остануваат во трка за главната награда, во големото супер финале ќе настапат Тамара Милановиќ, Лукијан Ивановиќ, Маид Хеќимовиќ, групата Доктори и се разбира нашиот Даниел Кајмакоски, кој според сите досегашни анкети има најголем број гласови, но дали скромното момче од Мислешево до крај ќе остане миленик на целиот Балкан останува да видиме на 23-ти март.

Сите настапи од последната финална емисија, вклучувајќи ги и изведбите  на хрватската група Парни Ваљак, српските пејачки Наташа Беквалац и Ана Станиќ, како и отпаднатиот кандидат и несуден водител на натпреварот – црногорскиот актер и мултимедијален уметник Славко Калезиќ, можете да ги погледнете во продолжение.

 



Врати се горе ↑